МакедонијаРелигија

Архимандритот Јоаникиј од Ракотинци во недела ќе биде прогласен за светител

Архимандритот Јоаникиј од Ракотинци на 24 септември во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје ќе биде прогласен за светител. Денот на официјалната канонизација, 24 септември, ќе биде впишан во календарот на МПЦ.

Настанот е во контекст на празнувањето на 50-годишнината од возобновувањето на автокефалијата на Охридската архиепиекопија во лицето на МПЦ.

По повод впишувањето на архимандритот Јоаникиј Ракотински во списокот на светиите, Скопската православна епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на 23 септември во 17:30 часот ќе се одржи вечерна богослужба во Соборниот храм, а по нејзиното завршување ќе се одржи помен или парастос за преподобниот Јоаникиј Ракотински со кој ќе началствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Ова денеска на прес-конференција во просториите на Македонската архиепископија го истакна Бобан Митевски, шеф на кабинетот на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, кој рече дека на 24 септември е централната манифестација која ќе се одржува во Соборниот храм.

Посочи дека во 8 часот од мостот „Гоце Делчев“ ќе тргне свечена литија со пренос на моштите на преподобниот Јоаникиј Ракотински.

– Литијата ќе се движи од мостот „Гоце Делчев“, пред Владата и потоа во ќе заврти на булеварот „Св.Климент Охридски“ и повторно во спротивен правец на бул.„Партизански одреди“, тука ќе застане и во определеното време моштите ќе бидат преземени од страна на архиепископот и на другите владици на Светиот архиерејски синод и ќе бидат внесени во храмот и по т.н.кратка молитва односно трисагија ќе биде обзнанета одлуката на САС за прогласување на архимандритот Јоаникиј од Ракотинци за светител, односно со називот преподобен Јоаникиј Ракотински, рече Митевски.

Во меѓувреме, додека се одвива литијата во храмот, ќе биде започната светата божествена литургија со која ќе чиначалствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на сите членови на Архиерејскиот синод на МПЦ и свештенство од сите епархии на МПЦ.

Информира дека по тој повод МПЦ во координација со ЈСП организира бесплатен автобуски превоз штој ќе тргнува од одредени локации во Скопје и ќе се движи по одредени станици и верниците ќе ги остава кај гимназијата „Јосип Броз Тито“. Улиците „Св. Климент Охридски“ и булеварите „Илинденска“ и „Партизански одреди“ околу Соборниот храм ќе бидат затворени од 7:30 до 12:30 часот.

Митевски информира дека Јоаникиј Ракотински е светител кој живеел во 20 век и за неговата светост нашиот народ и нашата црква е запознаена одамна и на чудотворен начин неговите мошти имаат излезено од гробот во кој биле закопани и населението кога го видело неговото чудо ги поставило во селската црква во селото Ракотинци.

– Поради комунистичкиот период моштите биле повторно вратени во самиот гроб. Потоа се говори за уште едно нивно чудесно излегување од гробот и повторно нивно враќање во гробот за да дојдеме во денешната состојба – поради нашата општа негрижа телото не е целосно, туку се работи за нетрулежни мошти на светителот кои ги имаат знаците на светоста. Но, не само моштите туку и неговиот живот е свет поминат во преподобност. Уште едниот сегмент за одредување на светоста на еден човек се чудотворствата што се извршени и за време на животот и по животот, потенцира Митевски.

Истакна дека веќе имаат сведоштва за чуда кои се случени по молитвеното застапништво на преподобниот Јоаникиј Ракотински и по неговото упокојување.

– Едно од чудата кое ќе биде обзнанено во самата книга што ќе излезе со неговиот животопис и со богослужбата е чудото кое се случува и вон границите на Република Македонија, односно се случува во Република Грција, каде се наоѓа делче од неговите мошти кои своевремено биле дадени тука од Македонија на чување во манастирот „Св.Јован“ во Бер каде се наоѓа и главата на Светиот Климент Охридски. Таму се има случено чудо со една жена која била болна од рак и која по молитивите пред тие мошти се има излекувано од оваа болест, посочи Митевски.

Службата, појасни, е напишана од страна на официјалниот химнограф или оној кој ги пишува богослужбите во православната црква на Цариградската патријаршија, а тоа е јеромонахот Атанасиј од манастирот „Симонопетра“ на Света Гора. Акаститот, пак, е напишан од наш црковен поет, тоа е свештеникот Александар Димовски од Охрид.

– Неговиот животопис напишан од Бигорските монаси, кои успеаја истражувајќи да ја пронајдат неговата лична автобиографија пишувана од него и според него, да го состават официјалниот негов животопис, потоа богослужбата напишана од јеромонахот Атанасиј од „Симонопетра“ и акатистот ќе бидат издадени од страна на Светиот архиерејски синод во официјално издание односно книга, рече Митевски.

Според него, настанот на кој ќе бидеме сведоци е настан кој се случува еднаш во 100, во 200, па и повеќе години и затоа е многу важен и на некој начин го изразува живоста на нашата црква во овој контекст односно дека ете и ние Бог по неговата благодет изнедрува и светители и од нашиот род или од нашиот духовен простор.

– Тоа укажува на духовниот континуитет на нашиот православен народ или на нашата Православна црква и е на некој начин несоборлива потврда пред останатиот православен свет. Пишувањето на богослужбата, тоа што имаме мошти од овој светител и тоа што неговиот култ, како и претходниот кој го канонизиравме пред неколку месеци, а тоа Светиот Гаврил Велички, нивните култи се прифатени и од другите православни цркви и тоа неминовно и несомнено оди во прилог на МПЦ и прашањето за нејзиното постоење и правото за нејзиното постоење, истакна Митевски.

Јоаникиј Ракотински по потекло е од Охрид, а се упокоил во 40-тите години на 20 век. Живее по разни манастири во Скопје и последното негово живеалиште е во манастирот во селото Ракотинци каде се упокојува и каде ја пишува и својата позната книга „Лекарство“, тоа е сет од рецепти со билки кои ги користеле луѓето и таа во оргинал ракопис од него се чува во библиотеката на Богословскиот факултет во Скопје.

Митевски информира дека откако архимандритот Јоаникиј Ракотински ќе биде прогласен за светител неговите мошти ќе останат во Соборниот храм, а ќе бидат пренесени во црквата „Св.Константин и Елена“ во центарот на Скопје кога ќе заврши нејзината изградба.

Поврзани вести

Back to top button