Денес се празнува Светиот маченик Александар
Светиот маченик Александар
Словенин. Осумнаесетгодишен војник во војската на царот Максимијан. Одрече да ја изврши царевата наредба за чествување на римските идоли, заради што му беше предаден на капетанот Тиверијан: или да го посоветува да се откаже од Христа или да го мачи и да го погуби. Бидејќи сите совети му беа залудни, Тиверијан го зеде со себе, го поведе низ Македонија кон Цариград, каде што и самиот мораше службено да оди. Во секое место низ коешто ќе поминеа Александар беше луто мачен, но секаде излегуваа пред него христијаните молејќи го за благослов и храбрејќи го во подвигот. По него одеше и неговата мајка Пименија. Во текот на патувањето на Александар повеќепати му се јавуваше ангел Господов, блажејќи му ги маките и храбрејќи го. На едно место наречено Карасура, маченикот со молитвата кон Бога направи чудо; имено, кога жедта му здодеа и нему и на војниците што го придружуваа, тој изведе студена вода на суво место. На брегот на реката Ергина Тиверијан му нареди на џелатот да го заколе Александар и да му го фрли телото во водата. А џелатот, кога замавна над главата на маченикот, виде наоколу светли Божји ангели и се уплаши, а раката му премале. Александар го запраша зошто му премале раката и тој рече дека гледа некои светли момчиња околу него. Желен да умре и да се соедини со Господ, Александар Му се помоли на Бога да отстапат ангелите за да не се плаши џелатот. И така џелатот ја заврши својата работа, во 289 година. Пименија го извади од реката телото на нејзиниот син и чесно го погреба. На гробот на маченикот стануваа многу исцеленија. Откако умре тој ѝ се јави на мајка му и ѝ навести дека и таа набрзо ќе замине во другиот свет.
Преподобните Јован, Ефтимиј, Георгиј и Гаврил Иверски
Основачи на прочуениот Иверски (грузиски) манастир на Света Гора. Свети Јован се подвизуваше најнапред во лаврата на Атанасиј, а потоа основа свој манастир, Ивер. Се упокои во 998 година. Ефтимиј и Георгиј го преведоа Светото Писмо на грузиски јазик. Ефтимиј се упокои во 1028 година, а Георгиј во 1066 година. Гаврил се удостои да ја прифати чудотворната икона на Пресвета Богородица, којашто по морето дојде во манастирот.
Светата маченичка Гликерија
Ќерка на еден гувернер на Рим. По смртта на татко ѝ осиромаши и се насели во Трајанопол во Тракија. Во времето на нечестивиот цар Антонин Гликерија беше изведена да му принесе жртва на идолот на Диј. Таа си нацрта крст на челото, па кога царскиот намесник ја запраша каде е нејзината лампада (зашто сите носеа лампади во рацете), Гликерија го покажа крстот на челото и рече: „Ова е мојата лампада“. На нејзината молитва гром удри во идолот и го искрши на парчиња. Намесникот се разгневи и нареди да ја бијат и да ја затворат. Ги запечати затворските врати, решен да ја убие со глад. Но на Гликерија ѝ се јавуваше ангел Божји и ѝ даваше небесна храна. По извесно време, кога намесникот мислеше дека маченичката мора да умрела од глад, го отвори затворот и се зачуди кога ја виде здрава, светла и весела. Кога го виде ова чудо, стражарот Лаодикиј и самиот Го исповеда Господ Христос и веднаш беше заклан. По ова Гликерија беше фрлена во огнена печка, но остана неповредена од огнот. Стоејќи насред огнот Го фалеше Бога, споменувајќи го чудото со Тројцата Младенци во Вавилонската печка. Најпосле беше фрлена пред лавови и откако Му се помоли, оваа Света девица Му ја предаде својата душа на Господа, за Кого јуначки претрпе многубројни маки. Чесно пострада во 177 година. Од нејзините мошти потече целебно миро, кое исцелуваше болни од најтешки болести.