МакедонијаРелигија

Православни светители кои се празнуваат денес

Светиот свештеномаченик Василиј, епископ Амасиски

Зетот на царот Константин, Ликиниј, кој беше оженет со царевата сестра, се преправаше пред великиот цар дека е христијанин, но кога царот му даде да управува со целиот Исток, тој најпрво тајно, а потоа и јавно почна да ги гони христијаните и да го утврдува идолопоклонството. За тоа време неговата жена многу тагуваше, но не можеше да го одврати мажот од нечестието. Кога се предаде на идолопоклонството Ликиниј се предаде себеси на сите страсти, а најмногу на прељубништво. Заради нападот на оваа нечиста страст тој посака да ја оскверни девицата Глафира, којашто беше на служба кај царицата. Таа ѝ се пожали на царицата и царицата тајно ја испрати во Никомидија во Понтиската област. Девицата Глафира стигна до градот Амасија, а таму ја примија срдечно епископот Василиј и сите христијани. Беше радосна што најде прилика да си ја спаси девственоста и за ова ѝ пишуваше на царицата. Царицата се радуваше и ѝ испраќаше пари за црковниот храм во Амасија. Но едно од овие писма од Глафира до царицата му падна во рацете на царскиот евнух и тој му го покажа на својот господар Ликиниј. Кога царот дозна каде престојува Глафира, испрати да ја доведат во Никомидија, нејзе и епископот. Во меѓувреме Глафира умре, а војниците го доведоа врзан само епископот Василиј. Откако претрпе маки и затвор, овој блажен маж заврши под меч, а телото му го фрлија во морето, во 322 година. По укажување на Божји ангел неговите клирици го извлекоа од водата со помош на рибарски мрежи и го пренесоа во Амасија, каде што чесно го погребаа во црквата што ја беше подигнал самиот. Царот Константин крена војска против Ликиниј, го победи и го фати и го испрати во ропство во Галија, каде што заврши неговиот богоотпаднат живот.

Свети Јоаникиј Девички

Србин од Зета. Како млад обземен од љубовта Христова го остави домот и родителите и се оддалечи во пределите на Ибар, во една пештера во којашто според Преданието се подвизувал Св. Петар Коришки. Но кога неговата слава почна да се разгласува меѓу луѓето, побегна во Дреница и се скри во густата шума Девичка. Свети Јоаникиј помина во таа самотија години и години во молчење и безмолвие. Според преданието, Светителот таму ја исцелил лудата ќерка на српскиот кнез Ѓураѓ Бранковиќ. Од благодарност кнезот му подигнал манастир на тоа место, познат и денес под името Девич. Таму почиваат светите чудотворни мошти на Св. Јоаникиј. Во тој манастир не толку одамна се подизуваше прославената и богоугодна испосничка монахиња Ефимија. Народот ја нарекува блажената Стојна. Таа се упокои во Господ во 1895 година.

Свети Стефан епископ Пермски

По потекло Русин. Од малечок предаден на молитва и богомислие. Како момче отиде во Ростов и се замонаши во манастирот на Св. Григориј Богослов. Кога дозна за Пермската земја, целата обрасната во плевелот на незнабоштвото, посака да оди како мисионер во оваа земја; веднаш се вдаде во изучување на пермскиот јазик и кога го совлада, состави азбука и ги преведе на тој јазик црковните книги. Со благослов на московскиот митрополит тој како презвитер се упати на својот апостолски подвиг и во густиот мрак на пермското незнабоштво со огромна ревност почна да го проповеда Господовото Евангелие. Откако крсти неколкумина, се потруди да изгради во Перма храм на Св. Благовештение. Кога во Перма се умножи Црквата Божја, Свети Стефан го посветија за нејзин епископ. Претрпе секаков труд, мака, злоба и пониженост, но ја разгони темнината на пермските незнабожци и ги просветли со Христовата светлина. На старост уште еднаш отиде во Москва и таму се упокои во Господ во 1396 година.

Поврзани вести

Back to top button