РелигијаТоп

Светиот праведен и многустрадален Јов

Светиот праведен и многустрадален Јов

Јов беше потомок на Исав, внукот Авраамов и живееше во Арабија околу 2000 години пред Христа. Татко му е Зарет, а мајка Восора, а неговото цело име беше Јовав. Беше човек чесен, богобојазлив и многу богат. Но во седумдесет и деветтата година од неговиот живот Бог допушти тешки искушенија врз него преку сатаната, како што с ? е потенко опишано во Книгата Јов. И во еден ден Јов го изгуби сиот свој имот, сите синови и ќерки свои. Потоа врз него падна тешка болест од којашто целото тело му се покри со рани од темето до табаните и лежеше Јов на ѓубриштето надвор од градот и со парче керамида си го вадеше гнојот од раните. Но не заропта на Господа, а стрпливо докрај ги поднесе сите оние маки. Затоа Бог му го врати здравјето и му даде многу поголемо богатство од претходното и пак му се родија седум синови и три ќерки, колку што ги имаше порано. Поживеа уште сто и четириесет години, постојано славејќи и фалејќи Го Бога. Јов се смета за пример на трпеливо поднесување на секое страдање коешто Бог ни го испраќа и за предобраз на страдалниот Господ Исус.

Тропар
„Благословено да е името Господово“ – восклик на победа во маките твои, о Јове свет, кои во радости се претворија, бидејќи душата твоја знаеше Кој е Творецот нејзин, а разумот со благодат исполнет Го виде Дарителот на сe, така да срцето само трпеливо Го чекаше Оној Кој се оддалечи, за да повторно се всели. Нему Му пееме по молитвите твои свети: Господи, слава Ти.

Кондак
Како вистинољубив и праведен, благочестив, непорочен и осветен се покажа ти, сеславен Божји угоднику, и во твоето трпение ја просветли вселената, најтрпеливе и најдоблесен. Затоа сите ние, богомудри, твојот спомен го воспеваме.

Светиот маченик Варвар

Варвар беше војник во времето на Јулијан Отстапник. Кога царскиот војвода Вакх ја поведе римската војска против Франците, во таа војска беше и Варвар, потаен христијанин. На боиштето се појави некој си јунак од страна на Франците, сличен на Голијат и ги предизвикуваше Римјаните за да му излезе некој на мегдан. Војводата Вакх го посоветува Варвар тој да излезе. Варвар Му се помоли во своето срце на живиот Бог, излезе и го победи оној џин. Од тоа војската на Франците се збуни и побегна. Тогаш војводата направи голема веселба и нареди да им се принесат жртви на идолите. Но на тоа жртвопринесување дозна дека Варвар седи настрана. Кога го праша за тоа, Варвар изјави дека е христијанин. Војводата му јави на царот, а царот нареди Варвар да биде ставен на најтешки маки. Но Варвар поднесе с ? со ретка храброст и присебност. При неговото мачење се покажаа многубројни чуда, а гледајќи го тоа, мнозина војници ја примија Христовата вера. Меѓу овие беше и самиот војвода Вакх, со Калиј и Дионисиј. Сите тројца беа убиени со меч за името Христово, а после нив и Варвар, во 362 година. Нивните души се преселија во Царството на Христос, бесмртниот Цар.

Тропар
Силата Господова во слабоста се покажува, а слабоста твоја, свети Варваре, беше љубовта кон Христа. Он погледнувајќи на тебе повеќекратно со благодат те закрепна во маченичкиот подвиг и за тебе вратите на Небесното Царство ги отвори, од каде сега моли се, свет војниче, за спасението наше.

Светиот Варвар разбојник

После многубројни злосторства се покаја и самиот себеси си наложи прво, три години да оди четириножно и да јаде со кучињата и второ, дванаесет години да живее в шума, без облека, без покрив и без каква и да е друга храна освен трева и лисја. Од ангел доби известување дека гревовите му се простени. Патуваа трговци низ шумата, па го видоа Варвар оддалеку и мислејќи дека е ѕвер а не човек, ги вперија стрелите и го застрелаа. Кога умираше ги замоли да му јават на блискиот свештеник за него. Свештеникот дојде и чесно го погреба. Но од неговото тело потече целебно миро и исцелуваше разни болести и маки кај луѓето.

Тропар
Солзите на покајанието ја измија душата твоја, блажен Варваре, подвигот духовен го очисти срцето заразено од суетата на овој свет, понижувањето те подигна и те доведе до Христовите раце, Кој гревовите твои ги прости, а тебе те заштити и помилува. Моли се за нас, бел цвету на покајанието, изнедрен од пустината, за да бидеш пример за оние кои Го љубат Животот.

Поврзани вести

Back to top button