Македонија

Денес се празнува Свети Георгиј Исповедник

Свети Георгиј Исповедник

Заради големата добродетел што ја стекна со долготраен подвиг, Георгиј беше избран за митрополит митиленски. И светителот управуваше со словесното стадо ревносно и мудро до својата старост. Но кога настана гонењето под Лав Ерменин, којшто ги ништеше Светите икони, овој свет старец беше повикан од царот во Цариград на собор на епископи којшто требаше, според желбата на царот, да го уништи иконопочитувањето. Но Георгиј не само што не направи според желбата на злобниот цар туку со некои храбри епископи стана во заштита на Светите икони. За ова беше исмеан и од царот протеран во пределите на Херсон, каде што во телесна беда и секаква неволја го помина остатокот од својот земен живот. Се упокои и се пресели во Царството на бесмртноста околу 816 година. Заради својата голема праведност и љубов кон Господ Исус, беше чудотворец за време на животот и после смртта.

Преподобен Нил Сорски

Еден од големите отци на Руската Црква. Основач на скитскиот монашки живот во Русија. Се упокои мирно во 1508 година. Моштите му почиваат во Сорскиот манастир. Неговиот Устав на скитскиот живот претставува првокласно духовно и практично дело.

Светиот маченик Калиопиј

Единец син, измолен од Бога, на некој сенатор од Перга Памфилиска. Неговата благочестива мајка Теоклија го научи на богопочитување и на благочестив живот уште во раната младост. Кога Калиопиј беше уште момче, настана страшно гонење на христијаните под царот Максимијан. За да го спаси од смртта мајка му го качи на кораб, му даде доволно пари и го испрати во Помпеопол. Но Божјата Промисла устрои поинаку. Кога се симна во Помпеопол Калиопиј западна сред една бурна незнабожечка свеченост. Кога на навалувањето на залудената толпа не сакаше да земе учество во незнабожечкиот празник, го истуркаа пред војводата Максим, на кого тој му исповеда дека е христијанин. Војводата нареди и го биеја со оловни стапови и го печеа на оган, па најпосле ранет го фрлија во затвор. Кога слушна за мачењето на нејзиниот син, мајка му Теоклија им го раздаде имотот на сиромашните и со малку пари побрза во затворот кај него. Најпосле војводата ја изрече конечната пресуда за Калиопиј да биде распнат на крст. Кога го поведоа син ѝ на губилиште, Теоклија им дотури на џелатите пет златници за да го распнат нејзиниот син не како Господ туку наопаку. Ова го направи од смирение пред Господ. Калиопиј беше распнат на Велики Четврток, а мајка му стоеше под крстот благодарејќи Му на Бога. Кога другиот ден мртов го симнаа од крстот, таа падна врз него и издивна и самата. Така излегоа обајцата пред престолот на Царот на славата. Чесно пострадаа во 304 година.

Преподобен Данило Перејаславски

Имаше посебен подвиг на грижа за мртвите. Кога и да слушнеше дека некој смрзнал или умрел на некој друг начин, веднаш брзаше за пристојно да го погреба и да Му се помоли за починатиот на Бога. Се упокои мирно во 1540 година. Неговите мошти почиваат цели.

#Коментари

СПОНЗОРИРАН ЛИНК

Поврзани вести

Back to top button