Македонија

Агенција за вработување: Преку субвенционирање на плати вработени се 922 лица во 717 фирм

Преку мерката Субвенционирање на плати која претставува финансиска поддршка за креирање на нови работни места вработени се 922 лица во 717 фирми, а од нив 516 се млади лица до 29 години, соопшти Агенцијата за вработување.

„За вработување на овие лица исплатени се 204.573.000 денари од потсметката на Агенцијата за вработување наменет за активни програми и мерки за вработување.

Мерката субвенционирање на плати е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот 2019 година-Шанса за сите.

Со истата мерка годинава е предвидено да бидат вработени 1.000 лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот и за неа се издвоени најмалку 228.000.000 денари од потсметката за активни мерки на АВРСМ“, се вели во соопштението од Агенцијата.

Оттаму додаваат дека во тек е потпишување на договори со работодавачите за вработување на околу 80 нови лица кои ги исполнуваат критериумите за учество во мерката.

Мерката Субвенционирање на плати овозможува финансиска поддршка од 19.000 денари месечно како субвенција на платата на вработеното лице за период од 3, 6 или 12 месеци, за вработување на лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот како: долгорочно невработени лица, млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, жртви на семејно насилство, лица со попреченост, родители на деца на улица итн.

Вкупната финансиска поддршка за едно лице за период од 3 месеци изнесува 57.000 денари; за 6 месеци изнесува 114.000 денари и за 12 месеци изнесува 228.000 денари. Средствата се исплаќаат еднократно за целиот период на субвенционирање, по реализацијата на вработувањето со полно работно време, во согласност со одредбите и условите наведени во Договорот за субвенција.

Поврзани вести

Back to top button