Македонија

Пожарите во Пијанечко-малешевскиот регион под контрола, вчера имало евакуација на населението

Алармантната состојба со пожарот во село Саса во Македонска Каменица полека се стабилизира. Синоќа околу 23 часот започна акција за евакуација на населението кои живеат во близина на маалата Траканица и Аџиите. Според информации од самиот терен, во страшната огнена стихија селаните земале што може спаси и бегале од местото на пожарот.

Во гаснењето биле ангажирани голем број на човечки и технички ресурси како од Македонска Каменица така и соседните градови. Пожарникари кои се вратиле од гаснење на пожарот во 4 часот наутро велат дека состојбата се нормализирала со тоа што огнот се смирил.

Според нив, се поизвесно е дека најверојатно денеска ќе биде потребна интервенција од авионско гаснење. Во локализирањето на пожарот учествуваат екипи на ТППЕ од Македонска Каменица и регионот, екипи на „Национални шуми“ и Шумска полиција, а на терен се наоѓаат и вработени во граничната полиција. Неминовна ќе биде сеопфатна акција, која поради мракот синоќа не беше возможна.

Во Делчевско, пак, доцна попладне вчера настанал пожар кај месноста Средна во близина на село Разловци. Таму во гаснењето на пожарот се вклучени екипи на ТППЕ од Делчево и Шумско стопанство.

За страшен пожар јавуваат и пожарникари од резервниот состав кои се вклучени во акцијата за гаснење во близина на село Владимирово. Поради ваквите појави, кои се присутни речиси цел месец, заседаваа и кризните штабови каде се повеќе се потенцира човечкиот фактор како главен предизвикувач на пожарите.

Поврзани вести

Back to top button