Апокалиптични прогнози на научниците: Сите земји од светот влегле во црвена фаза, ситуацијата е алармантна
Научниците веќе со години предупредуваат дека Земјата се загрева и дека се’ повисоките температури влијаат на климатските промени и нашите животи.
Но, колку пати и да ги повторат тие научни факти, толку пати одмавнуваме со рака и велиме дека летата отсекогаш биле жешки, а зимите студени. Тоа е секако точно, но податоците покажуваат дека во изминатите 150 години, температурата ширум светот пораснала за барем половина, а во просек за еден Целзиусов степен.
Анти Липонен, истражувач од финскиот Метеролошки институт собирал мерења за просечните температури ширум светот и направил визуелизација која од една страна е интересна да се погледне, но од друга страна покажува застрашувачки податоци.
Липонен, во својата визуелизација опфатил податоци од 191 земја и покажал колку температурите во тие земји се промениле во однос на просечната температура која НАСА ја забележала помеѓу 1951 и 1980 година.
На почетокот на визуелизацијата, речиси сите земји се означени со сини кругови (температури пониски од просекот), но со текот на времето, тие кругови стануваат се’ поцрвени и поголеми. Најголемата промена е забележана во овој век кога сите кругови на екранот се црвени и во пораст.
Липонен предупрeдува дека растот на температурата од 2 Целзиусови степени е доволен да влијае на климата и климатските промени, а некои земји веќе ја достигнале таа температура.
“Без оглед на тоа како го визуелизирате ова, промените изгледаат застрашувачки”, предупредува Липонен на Твитер, претставувајќи го видеото.