Тајната служба од која што стравува целиот свет: Станаа познати по неуспешните мисии, но денес се убедливо најдобри!
Израелската разузнавачка служба е легендарна во меѓународните кругови и се верува дека стои зад едни од најважните тајни операции во минатиот и овој век.
Драматичната презентација на документите за наводната тајна иранска нуклеарна програма, која што ја претстави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, е редок случај израелските власти да излезат во јавност со информации добиени од својата разузнавака служба – Мосад.
Израелците речиси никогаш не ги објавуваат подвизите на Мосад, затоа што стравуваат дека може да бидат откриени нивните извори. За акциите на Мосад досега најчесто се дознаваше кога работите ќе тргнеа наопаку.
Сепак, кога станува збор за разузнавачките служби, речиси легендарен статус има акцијата на Мосад за апсење на нацистот Адолф Ајхман во Аргентина во 1960-та година, кој беше екстрадиран во Израел и осуден на смрт поради своето учество во холокаустот. Веројатно ниту ова немаше да биде познато, доколку самите Израелци во 2012-та година не одлучија да го споделат тоа со остатокот од светот.
Еден од другите подвизи на Мосад звучи прилично неверојатно. Израелецот Ели Коен, таен агент на Мосад, успеал да воспостави блиски контакти со политичката и воената врхушка на Сирија во раните 60-ти години и дури успеал да стане советник на сирискиот министер за одбрана.
Иако бил откриен во 1965-та година од Сиријците, сепак тајните до кои што дошол додека бил на таа позиција, му помогнале на Израел да оствари беспрекорна победа во таканаречената Шестдневна војна на Блискиот исток во 1967-ма година.
За еден од најголемите успеси на Мосад се смета и фаќањето на Мордеаи Ванун, пораешен техничар во израелска нуклеарна електрана. Тој во 1986-та година за британските медиуми откривал детали од израелската програма за нуклеарно оружје и објавил фотографии, по што станал мета на Мосад.
За агентите на Мосад не претставувало проблем тоа што инженерот се наоѓал во моќните западноевропски земји каде што не е така лесно за шпионажа. Агентка го завела инженерот, двајцата заминале за Италија каде што најпрвин тој бил дрогиран, а потоа со брод тајно бил одведен во Израел каде што поминал во затвор 18 години.
Иако не се знае кој стои зад тоа, на целиот свет му е прилично јасно – агентите на Мосад стојат зад мистериозните убиства на низа на палестински милитанти ширум светот, како и за ликвидацијата на иранските научници кои што работеа на иранската нуклеарна програма. Најистакнато е убиството на командантот на Хезболах кој што бил лоциран и убиен во Дамаск.
Сепак, за најголем подем на израелската тајна служба се смета одмаздата за смртта на израелските спортисти.
Откако палестинските терористи „Црн септември“ киднапираа и убија 11 израелски спортисти на Олимписките игри во Минхен во 1972-ра година, од израелскиот државен врв до Мосад пристигнала наредба – формирање на посебна група која што ќе ги казни Палестинците за ликвидацијата на недолжните спортисти.
Израелските агенти деноноќно, со години ги прогонувале ширум светот, се додека не се случило фијаско – во Норвешка бил убиен погрешен човек, марокански келнер кој што бил заменет со Али Хасан Саламем, првиот човек на операцијата „Црн септември“.
Поради ова фијаско неколку агенти на Мосад завршиле на суд, но останатите ја завршиле својата задача, ширум светот ги пронаоѓале одговорните за нападот и еден до еден ги убивале, со цел да испратат силна порака дека никој повеќе не смее да нападне Евреин во светот.
Зад агентите на Мосад исто така стои и неуспехот во 1997-ма година, кога се обиделе во Јордан да го убијат тогашниот лидер на Хамас, Калад Машал. Во Јордан влегле со лажни канадски пасоши и го отруле, но набрзо биле фатени. Јорданскиот крал се заканил со напуштање на мировниот договор ако Машал умре, па Израелците испратиле противотров, а агентите биле ослободени.