Ако нема превод и на албански јазик казна до 10.000 евра и забрана за вршење на дејноста

Објавено: четврток, 8 декември 2022 во 22:50
Spread the love

Производителите и трговците во Македонија се затекнати од новиот Закон за заштита на потрошувачи, кој деновиве беше донесен со европско знаменце.

Најмногу реакции предизвика членот 37, кој ги обврзува сите производители во Македонија своите продукти освен на македонски да ги пишуваат и на албански јазик. Тоа важи за декларациите, сертификатите, гарантните листови, упатствата за склопување и користење на производот, како и листата на овластени сервиси.

Дел од производителите, како што објави ТВ Канал 5, се жалат дека не биле информирани за новата обврска, а промената на амбалажата ќе им донесе дополнителни трошоци.

– Најпогодени ќе бидат малите производства кои што најверојатно мора да инвестираат во купување на дополнителна опрема за печатење на поголеми декларации и евентуално промена на самиот начин на пакување на производот, па затоа сметам дека тоа би било голем терет и трошок за малите производства. Самата информираност за стапување на сила на законот е мала, додека казните се големи, затоа апелирам за поголема информираност за да може да почнат производителите да постапуваат по него, вели за ТВ Канал 5, Марина Манева, сопственик на млекарница

Од пазарен инспекторат велат дека казни се уште не се пишуваат, засега само ги информираат трговците за новите обврски. Објаснуваат дека производите кои се веќе на рафтовите нема да се враќааат назад за да им се залепат нови етикети.

– Тие треба да имаат период на усогласување затоа што овие затекнати производи не можат да се отворат и повторно да се печатат. Невозможно е тоа да се спроведува во моментов, особено кај прехранбените производи. Треба и производителите и увозниците да се усогласат. Ќе се консултираме со министерството за економија за да видиме кога ќе биде можно ова да биде усогласено. Ова е обемна работа што треба да се заврши кај сите, велат од ДПИ

Казните за непочитување на законот се движат од 500 до 10.000 евра, но и забрана за вршење на дејноста.