Се договориле да се сретнат за да му ги врати двете илјади евра, па го пукал

Објавено: понеделник, 28 ноември 2022 во 14:11
Spread the love

Основното јавно обвинителство Струга донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1, а во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

На 23 ноември, во Велешта, осомничениот се обидел да лиши од живот лице со кое односите му биле влошени поради должничко-доверителски обврски. Имено, оштетениот му должел 2.000 евра на осомничениот и се договориле да се сретнат за да му ги даде. Но, помеѓу нив, најпрвин настанала расправија околу враќањето на парите, а потоа осомничениот го турнал оштетениот и од засега непознато оружје испукал кон него два куршуми. Од истрелите, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди – огнострелни рани во градниот кош, абдоменот и колкот.

Веднаш потоа осомничениот избегал, а оштетениот успеал да се јави кај неговата сопруга која повикала итна медицинска помош.

Оценувајќи дека постои опасност од бегство и можност осомничениот да влијае врз сведоците и оштетените, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор.