За осум години од Македонија се иселиле 700 илјади луѓе

Објавено: вторник, 27 септември 2022 во 23:58
Spread the love

Од 2011 до 2019 година 700.000 луѓе се иселиле од Македонија, односно секој четврти жител, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој во изјава за новинарите рече дека поради масовното иселување од земјава има празнина на пазарот на труд и дека тоа е проблем за целото општество.

„Иако тој тренд е намален во периодот на Ковид, за жал, тој сè уште претставува сериозен проблем не само за носителите на јавни функции и креаторите на политиките, туку и за општеството во целина, бидејќи постои јаз на пазарот на трудот“, рече Битиќи. како одговор на прашања по конференцијата.на која беше презентиран извештајот на ОБСЕ „Човечки капитал, миграција и како заедно да ја обликуваме иднината“.

Според него, има неколку клучни причини за иселување, но нивниот корен лежи во недовербата во институциите.

„Високата корупција и големата политичка нестабилност, желбата за подобар животен стандард, проблемите во образованието, здравството, немањето перспектива за децата, се само дел од причините кои ги туркаат, пред се, младите високообразовни кадри да ги реализираат своите сонови надвор од државата“, рече Битиќи.

Вицепремиерот за економски прашања на Северна Македонија рече дека има работа, но посочи дека 93,4 отсто од невработените во евиденцијата на Заводот за вработување се функционално неписмени, што значи дека нивните вештини не се совпаѓаат со пазарот на труд.