Бучковски со несторување е убиецот кај Карпалак, беше известен за терористите 40 дена пред злосторството

Објавено: недела, 7 август 2022 во 23:24
Spread the love

Повторно, вчера 8-ми август беше уште едно потсетување, дека пред дваесет години од заседа на автопатот Скопје – Тетово беа убиени десет припадници на АРМ кај месноста Карпалак.

Постојат докази дека загинувањето на бранителите кај Карпалак можело да биде спречено, доколку Владо Бучковски како тогашен министер за одбрана не пропуштил да преземе одредени дејствија, кои бил должен да ги преземе во интерес на безбедноста на конвојот.  

Во почетокот на јули 2001 година, значи, четириесетина денови пред крвавиот настан кај Карпалак, во македонската Служба за државна безбедност постоеја два службени документи со податоци врз основа на кои се знаеше дека на ридот од каде се пукаше врз конвојот, се наоѓа вооружена група од десетина лица, кои преку ден беа присутни во ископаните ровови, а ноќта се повлекуваа во соседно село.

По ова, СДБ при МВР, согласно правилата за соработка на безбедносните органи во државата, преку МВР ги доставила овие информации за понатамошно постапување до Секторот за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана а оттаму се проследени до тогашниот министер Бучковски.

Врз основа на оперативните податоци содржани во споменатите два службени документи од кои произлегува дека се се знаело за терористичката група кај Карпалак, дополнително од аналитичката служба е изготвена информација уште во јули 2001 година како да се запоседне просторот околу автопатот кај Карпалак, заради безбедно минување на редовните конвои со бранители, кои во тоа време одеа накај Тетово. Од текстот на аналитичката информација може да се види дека полициските службеници професионално си ја извршиле работата и дале прецизни анализи и насоки, што да се преземе за безбедно движење на воено-полициските конвои во правец на Тетово.

Оттука, верувам дека сега на секој му станува јасно дека трагедијата сигурно ќе беше избегната, доколку, на пример, Бучковски наредеше само еден хеликоптерски прелет со кој би била решена оваа вооружена група, бидејќи прецизно се знаеле сите битни елементи, како локација, време и начин на движење, вооруженоста, распореденоста, бројноста на терористичката група и слично.

Значи,сознанија имаше, а ништо не се презеде.

Наспроти ова, загинаа припадници на безбедносните сили од испукана граната токму од кај Карпалак, иако, замислете, македонските безбедносни органи знаеле се за Карпалак речиси 40-тина дена, а, како што споменав, постоела и аналитичка проценка како да се запоседне автопатот кај Карпалак.

Меѓутоа, не само што не е постапено во контекст на добиените оперативните податоци и аналитичката информација, туку некој дури се погрижил пред трагедијата да го отстрани и безбедносниот пункт на автопатот Скопје – Тетово во близина на Карпалак, а, после трагичниот настан, бранителите се оставени сами на себе без никаква помош да горат во торпедираните возила, иако на армиските хеликоптери по воздушна линија од аеродромот Скопје до Карпалак им било потребно само пет минути да им пружат соодветна помош. Настрана фактот што, спротивно на сите формациски воени правила, воените резервисти биле пуштени да се возат накај Тетово како да одат на екскурзија.

За жал, дваесет години ниту еден државен орган не се обиде да направи истрага, за да утврди што точно се случи со сомнителното загинување на македонските бранители кај Карпалак. Неформалните објаснувања се дека државата ќе треба да плаќа високи оштетни побарувања за загинатите и повредените бранители доколку се утврди вина на државните органи за масакрот кај Карпалак.

Едно е сигурно: Ниту кај СДСМ, ниту, пак, кај ВМРО-ДПМНЕ кои се менуваат на власт од 2001 година, нема интерес за вистината за сомнителните загинувања на бранителите кај Карпалак кои загинаа во одбраната на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

За крај, не е на одмет да спомнам дека скоро дваесет години пишувам и ги потсетувам властите дека мора да се расчисти сомнителното загинување на бранителите кај Карпалак. Дотолку повеќе, во непосредни разговори со преживеаните бранители кај Карпалак, јасно ми велат дека сега многу повеќе од трагичните последици ги боли тоа што не ја знаат вистината.

Како и да е, за Единствена Македонија и мене лично нема дилема. Мора да се дојде најпосле до официјален одговор, како, од кого и зошто беа нарачани и договорени масакрите кај Карпалак во кои бранителите беа испратени во заседа и мораа да загинат.

Вечна им слава на македонските бранители-херои: Нане Наумоски (48) Сашо Китаноски (39) Бранко Секулоски (42) Горан Миноски (29) Марко Деспотоски (27) Ердован Шабаноски (20) Љубе Грујоски (31) Дарко Велјаноски (27) Веби Рушитоски (26) Пеце Секулоски (29), кои ги положија животите за Македонија кај Карпалак на 8 август 2001 година. 

Колумна, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев претседател на Единствена Македонија
Скопје, 09 август 2021 година