Мајка ја намамила ќерка си во заседа, па роднините ја убиле, родителите Пакистанци и замерувале дека има дечко Италијанец (ФОТО)

Италијанските медиуми ја објавија СМС-пораката што мајката на исчезнатата 18-годишна Саман Абас ѝ ја испратила на својата ќерка со цел да ја намами да се врати дома.

„Врати се дома, умираме, сѐ ќе биде како што сакаш ти“, ѝ напишала мајката на ќерка си, која била сместена во „безбедна куќа“ за да се заштити од нејзините родители, Пакистанци, кои ја присилувале на договорен брак, објави весникот Ил фато котидијано.

Девојката се вратила, но потоа на 30 април исчезнала, а сите траги покажуваат дека е убиена, иако нејзиното тело сè уште не е пронајдено.

Родителите на убиената девојка побегнале во Пакистан, а италијанската полиција освен нив за убиството го обвинува и нејзиниот вујко, за кого се смета дека е извршител на злосторството, и уште двајца роднини, за кои се верува дека се кријат некаде во Европа. Сите се во бегство и по нив е распишана меѓународна потерница.

Надлежните објавија фотографија од надзорните камери на кои се гледаат три лица како одат со лопати и плава вреќа.

Исчезнувањето на девојката го пријавило нејзиното момче, Италијанец, а таа најверојатно е убиена затоа што не се согласила на договорениот брак со нејзин братучед во Пакистан.

Убиството на 18-годишната девојка ја вознемири италијанската јавност и покрена полемика за успехот во интеграцијата на странците што доаѓаат да живеат и работат во Италија, но и за ефикасноста на системот за обезбедување заштита, особено на жените, кога е неопходно.