Пентагон: Протечената снимка на НЛО е реална (ВИДЕО)

Американското Министерство за одбрана (ДОД) потврди дека протечените фотографии и видео од „неидентификувани воздушни појави“ направени во 2019 година се навистина легитимни слики на необјаснети објекти.

Фотографиите и видеата на објекти во облик на триаголник што трепкаат и се движат низ облаците ги сними персоналот на морнарицата, рече портпаролката на Пентагон, Сју Гоф, во изјава за Си-ен-ен. Таа потврди и дека фотографиите од три неидентификувани летачки објекти – еден во облик на „сфера“, друг во облик на „желад“ и трет окарактеризиран како „метален цепелин“ – исто така се направени од персоналот на морнарицата.

„Како што веќе рековме, за да се зачува безбедноста на операциите и да се избегне откривање информации што може да бидат корисни за потенцијалните противници, ДОД не дискутира јавно за деталите за набљудувањата или испитувањата на пријавените упади во нашите полиња на обука или одредениот воздушен простор, вклучително и за оние упади првично назначени како неидентификувани воздушни појави“, рече Гоф.

Таа исто така рече дека Работната група за неидентификувани воздушни појави, создадена во август за да ги испита набљудувањата на НЛО забележани од војската, „ги вклучила овие инциденти во своите тековни испитувања“.

Фотографиите и видеата на морнарицата беа објавени од Мистери вајр и Екстроднери билифс минатата недела, но кружеа на интернет уште од минатата година.

Последниве години имаше „голем број пријавувања на неовластено и / или неидентификувано летало што влегува во разни воени контролирани полигони и одреден воздушен простор“, соопшти морнарицата во 2019. Минатата година, Пентагон објави три видеа што прикажуваат „неидентификувани воздушни појави“ – клипови за кои американската морнарица претходно потврди дека се вистински.

На американските разузнавачки агенции им беше наредено да му ги дадат на Конгресот недоверливите информации за неидентификувани воздушни појави.