Апасиев: Никола Димитров е шпион (ВИДЕО)

Пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, од собраниската говорница упати навреди кон вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, нарекувајќи го американски шпион.

„Дојде денот да се соочиме со вицепремиерот, кој бега од Собранието како ѓавол од темјан. Моите односи со дотичниот се обратни. Во библијата пишува дека по делата ќе ги познаете оние што сакате да ги оценувате“, вели Апасиев и додава:

„Мојата прва средба со Димитров беше на Правниот факултет кога јас бев демонстратор. Тогаш Димитров рече: ‘Уставното име е последниот столб на државноста, и ако се промени, ќе се премине линијата на достоинството. Потоа се случува аферата Никиликс, кога станува заштитен извор на депешеата на Рикер кон САД. Односно дека тој ги издавал случувањата на САД, дека нема конзенсуз меѓу Црвенковски и Груевски за името, и практично бил американски шпион“, рече Апасиев, кој најави дека вицепремиерот треба кривично да одговара поради потпишување на, како што вели, „капитулантскиот“ Преспански договор.

Во одговорот, Димитров рече дека Апасиев влегува во категорија на политичар-обвинител, па и политичар-инквизитор.

„Така и потсетува на некој начин, на средновековието кога инквизицијата имала главен збор. За нашата татковина, за нашата Македонија многу Македонци и Македонки оделе во затвор и јас сум спремен таа цена да ја платам за македонската кауза. Некои оделе во затвор, а некои ги пикале во затвор, ама размислете тоа вас во која категорија ве става и каква место си резервирате во македонската историја. Вие сте професор по право, меѓутоа тоа не значи дека не грешите кога велите дека Преспанскиот договор е потпишан надвор и од членот на Уставот што го регулира тоа прашање и надвор од Законот за склучување и ратификација на меѓународните договори. Во праксата некаде помалку од 1%, чинам помалку и од пола проценти 0,5 од вкупните меѓународни договори во име на Републиката ги има потпишано шефот на државата, претседателот на Републиката. Во првата интерпелација во глава ми беа тие бројки, можам да одам назад по стенограмот и да ги најдам, помалку од 0,5%. Членот 2 од Уставот вели дека и Владата во името на Републиката може да склучува меѓународни договори, а во членот 3 ги набројува кога тоа Владата може да го направи, споменувајќи едно чудо области кои што се присутни и регулирани во билатералниот договор, Преспанскиот договор’, кажа Димитров.

Собраниската седница е на пауза до 21 часот, по што треба да продолжи, а на листата на пратеници пријавени за збор е долга.