Белите дробови можат да ги отстранат канцерогените мутации кои се предизвикани од пушењето

Белите дробови можат да ги отстранат канцерогените мутации кои се предизвикани од пушењето, но само доколку престанете да пушите, тврдат научниците.

Досега се сметаше дека штетните честички од цигарите коишто предизвикуваат рак на белите дробови остануваат трајно дури и откако ќе престанете да пушите.

Но, новото истражување објавено во списанието Nature покажува дека белите дробови имаат способност да се обновуваат сами, пренесува BBC.

Ова е воочено кај пациенти коишто пушеа една кутија цигари дневно цели 40 години. Илјада хемикалии во чадот од цигарите предизвикуваат промени во структурата на ДНК во ткивото на белите дробови и ги трансформираат од здраво во канцерогено ткиво.

Тие честички се како темпирани бомби и чекаат да се претворат во ќелии на рак.

Но мал дел од ткивото на белите дробови останува недопрено. На некој начин, тие се кријат како во бункер, па откако човекот ќе престане да пуши, оштетеното ткиво може да се обнови и до 40 проценти.

„Ние не бевме подготвени за вакви резултати од ова истражување. Постојат ќелии во белите дробови кои на некој начин магично се обновуваат“, вели доктор Питер Кампбел од Институтот Сангер.

Научниците допрва мора да утврдат колкав дел од белите дробови може да се обнови.

Досегашните истражувања покажаа дека ризикот од појака на рак на белите дробови се намалува уште од денот кога луѓето ќе престанат со пушење.