Апел за помош на семејствата од Блатец чии куќи изгореа во пожар

Објавено: недела, 19 јануари 2020 во 22:01
Spread the love

Општина Виница упати апел до сите хумани граѓани да им помогнат на семејствата Симонски од селото Блатец, чии семејни куќи изгореа во пожар.

Градоначалникот на Виница, Ивица Димитров најави дека локалната самоуправа ќе помогне со средства од општинскиот буџет, но материјалната штета е огромна и ќе биде неопходна поголема помош за да се санираат последиците од огнената стихија.

– Првичните проценки се дека штетата изнесува над 50 илјади евра, а ние како Општина, ќе им помогне на семејствата на браќата Глигор и Јован Симонски во рамки на буџетските можности што ни стојат на располагање. Среќна околност е што во стихијата нема повредени или човечки жртви. Оштетувањата на објектите се огромни, целосно е уништен домот на постариот брат Јован, а изгорена е и куќата на помладиот Глигор, кој минатото лето комплетно ја реновирал. Очекуваме дека бизнис секторот и хуманите граѓани исто така ќе им помогнат, за што ќе биде отворена наменска жиро сметка, истакна градоначалникот Димитров.

Во гаснењето на огнот интервенирала Територијалната противпожарна единица од Виница, при што биле ангажирани четири цистерни и 10 пожарникари, но тие истакнаа дека пожар од вакви размери одамна не бил регистриран кај нив.

Во моментот се испитуваат причините за пожарот, но според привичните согледувања огнот се појавил од запален оџак и брзо ја зафатил покривната конструкција на двете куќи што се прилепени една до друга. /МИА