Девојка тврди дека ја чуваат како роб и моли за помош преку „Фејсбук“

уќна помошничка од Бангладеш, која работи во Саудиска Арабија, на „Фејсбук“ објави потресно видео во кое тврди дека била физички и сексуално злоставувана од нејзините работодавци и очајно моли да биде ослободена од тешкото ропство.

„Мислам дека нема да преживеам. Мислам дека ќе умрам. Ме претепаа и измачуваа. Ве молам спасете ме, само извадете ме од тука“, вели несреќната девојка во видеото.

Со солзи таа раскажува како саудиските работодавачи ја изгладнуваат, и истураат врз рацете зовриено масло и ја чуваат заклучена и по 15 дена. Притоа девојката ги покажува и изгорениците и лузните на рацете.

Оваа млада жена сè уште живее со семејството за кое работи во саудискиот град Џеда, соопшти портпаролот на бангладешката невладина организација BRAC, која се обидува да ја врати во родната земја.

Активистот соопшти дека по испраќањето на видео-пораката телефонот и бил одземен.

Владата на Бангладеш ја повика државната агенција за работа во странство да обезбеди безбедно враќање на девојката од Саудиска Арабија, што е можно поскоро.

Шокантното видео е најнов потсетник за често бруталната експлоатација и злоупотреба на сиромашните мигранти од Југоисточна Азија во богатите, но крајно репресивни монархии во Персискиот залив, меѓу кои Саудиска Арабија е најголемата.

Суми Актер (25) изјави дека била изложена и на немилосрдни сексуални напади, како кај семејството каде сега се наоѓа, но и кај претходното.

Нејзиното семејство рече дека прави напори да ја донесе дома, но засега без успех.

Видеото, кое е споделено десетици илјади пати и прегледано милиони пати на „Фејсбук“, предизвика протести во Дака, главниот град на Бангладеш и протести против нехуманото постапување со работниците мигранти од таа земја, пренесува хрватски „Индекс“.