Вознесение Христово – Спасовден

Вознесение Христово – Спасовден

Четириесет дена по Воскресението, Спасителот го остварува она што го вети од почетокот. Се врати при Својот Отец за да Го испрати при учениците Духот на Вистината. Оттогаш Христос седи од десната страна на Отецот. Одењето кај Отецот е чин јавен: се случува пред очите на апостолите. Христос се подига во воздухот и облак Го подзема носејќи Го на небото. Последните пораки што им ги дава се подготовки за Педесетницата. Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене! Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух. А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево? И Он им одговори: Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт; но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата (Дела 1, 4 – 8). И веднаш, додека гледаа како се крева на небото, двајца мажи во бела облека, всушност ангели, благовестеа за Второто доаѓање на Христос на земјата. Наспроти упатството да не умуваат околу времињата на овие настани, кои се во Божја власт, во првите години па и векови по Вознесението, христијаните очекуваа самите да бидат очевидци на земјата на славната Парусија Господова.

Светата маченичка Пелагија Тарсиска

Родена е во градот Тарс, од родители незнабожци, но богати и прочуени. Кога слушна од христијаните за Христа, таа се разгоре со љубов кон Спасителот и во душата беше целата христијанка. Се случи самиот цар Диоклецијан запре во Тарс и додека се бавеше во овој град неговиот син, принцот, се вљуби смртно во Пелагија, па сакаше да ја земе за жена. Преку својата зла мајка Пелагија одговори дека таа веќе Му се има ветено на Небесниот Женик, Господ Исус Христос. Бегајќи од скверниот принц и од својата мајка, Пелагија го побара и го најде епископот Клинон, човек прочуен по светоста. Тој ја поучи во христијанската вера и ја крсти. Тогаш Пелагија ги раздаде своите раскошни фустани и големото богатство, се врати дома и ѝ исповеда на мајка си дека е веќе крстена. Кога слушна за ова царскиот син и ја изгуби сета надеж дека некогаш ќе може да ја добие за жена оваа света девица, се прободе самиот себеси со меч и умре. Тогаш свирепата мајка појде и ја обвини кај царот својата ќерка, па му ја предаде на суд. Царот се восхити од убавината на девицата, заборави на синот и самиот се распали со нечиста страст кон неа. А бидејќи Пелагија остана непоколеблива во нејзината вера, царот пресуди да ја изгорат во метален усвитен вол. Кога ја разголеа мачителите, Света Пелагија се прекрсти со Крстот и со благодарна молитва кон Бога на усните самата влезе во усвитениот вол, во којшто за еден миг се растопи како восок. Чесно пострада во 287 година. Коските што останаа од неа ги прибра епископот Клинон и ги погреба на ридот под еден камен. Во времето на царот Константин Копроним на тоа место беше изградена прекрасна црква во чест на Светата девица и маченичка Пелагија, која се жртвуваше за Христа за со Него да царува вечно.

Светиот свештеномаченик Силуан, епископ Гаски

Најнапред беше во војничка служба, но подоцна, гонет од силата на својата вера, премина на духовната. Обвинет дека ги обраќа незнабожците во христијанската вера, најпрво беше луто мачен, а потоа заклан со четириесетмина други војници. Станаа небесни граѓани во 311 година.

Преподобен Никифор

Прво беше католик, а после премина во Православие. Се подвизуваше како монах на Света Гора заедно со мудриот Теолипт. Му беше учител на славниот светител Григориј Палама. Напиша едно дело за умствената молитва. Се престави кај Господ во 14 век. Преподобен Никифор учеше: „Собери го својот ум и принуди го да влезе во срцето и таму да остане. Кога твојот ум ќе се утврди во срцето, не треба да стои празен, туку постојано да ја твори молитвата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме! “ И никогаш да не замолкне. Преку ова во тебе ќе се всели целата низа добродетели: љубовта, радоста, мирот и останатото, па секоја твоја прозба пред Бога ќе биде исполнета.“

Свети Баташки новомаченици

Новоканонизирани бугарски православни новомаченици, кои маченички загинале за православната вера за време на Баташкото колење во пролетта 1876 година. Во житието се запазени само некои од имињата на баташките маченици – тоа се локалните свештеномаченици Петар и Нејчо, великомаченик Трендафил Керелов, кој жив бил испечен на клада, а задржани се имињата и на некои од убиените: Иван, Илија и други. Во житието наведена е и една случка за време на Баташкото колење: „Три зборови, попе, ќе ти кажеме. Ако ги исполниш, нема да те заколат. Папаз, ќе се потурчиш ли?“ Поп Петар смело одговорил: „Главата ја давам, верата не ја давам!“ Тогаш Турците му ја отсекле главата. На 3 април 2011 година, во храмот „Свети Александар Невски“, во текот на Светата Литургија, отслужена од неговата Светост Бугарскиот патријарх Максим, Баташките новомаченици се канонизирани од Бугарската Православна Црква.