ВИДЕО: Светот реагира на нападот на Сирија: Единствена цел на оваа варварска агресија е прикривање на лагите на Западот

Сирискиот режим денес ја осудил “варварската и сурова агресија” на Западот, по ударите кои пред утрото ги извеле САД, Франција и Велика Британија на сириски воени цели, известила официјалната агенција “Сана”.

Ударите имале за цел да ја “спречат” мисијата на Организацијата за забрана на хемиско оружје, која требало денес да ја започне својата истрага во Дума за наводниот хемиски напад, наведува истата агенција.

“Главна цел на нападот е прикривање на лагите на Западот”

“Главна цел на нападот е да се спречи работата на екипата и да се изврши притисок на мисијата во обид за прикривање на лагите на Западот”.

Сирија порачала дека нападот нема да влијае на одлучноста на сириската војска да продолжи со борбата против милитантите и да воспостави контрола во целата земја.

“Варварската агресија ќе ги зголеми тензиите во светот”

“Варварската агресија нема на ниеден начин да влијае на одлучноста и истрајноста на сирискиот народ и сириските херојски воени сили”, го цитира “Сана” изворот од Министерството за надворешни работи на Сирија.

“Таа агресија единствено ќе ги зголеми тензиите во светот” и се заканува на меѓународната безбедност, додава изворот.

Сириските власти денес наутро објавиле снимка од сирискиот претседател Башар Ал Асад, како во одело и со актовка со раката доаѓа на работа по воздушните удари на западните сили на цели во Сирија.

Турција, Израел и Канада ги поддржуваат ударите на Сирија, Иран ги осудува

Турција, Канада и Израел денес ги поддржале ударите на Сирија, порачувајќи дека се оправдани бидејќи му оневозможуваат на сирискиот режим користење на хемиско оружје, додека Иран ги осудил.

Турција ги поздравила ударите на силите на сириската влада, како “примерен” одговор, објавил денес извор од турското министерство за надворешни работи. “Ние на операцијата кој против сириската влада ја извеле САД, Обединетото Кралство и Франција, гледаме како на примерен одговор”, рекол изворот.

 “Одговорните за хемискиот напад мора да бидат изведени пред лицето на правдата”

Канада ги поддржува ударите против Сирија, рекол премиерот на таа држава Џастин Трудо, додавајќи дека “одговорните за хемискиот напад мора да бидат изведени пред лицето на правдата”.

“Канада на најсилен можен начин ја осудува употребата на хемиско оружје во минатонеделниот напад на Источна Гута”, рекол Трудо во соопштението. “Канада ја поддржува одлуката на САД, Велика Британија и Франција да преземат акција за да се намали способноста на режимот на Асад за хемиски напади против сопствениот народ”.

Израел: Сирија продолжува со своите убиствени акции

Израел ги оправдал американските, француските и британските удари на Сирија, утврдувајќи дека режимот на таа земја продолжува со своите “убиствени акции”, рекол израелски службеник.

“Минатата година американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека користењето на хемиско оружје ја минува црвената линија. Вчера вечер под американско водство, САД, Франција и Британија делуваа последично. Сирија продолжува со своите убиствени акции”, додал неименуваниот израелски службеник.

Иран: Агресија изведена без никаков доказ

Иран, главниот регионален сојузник на Дамаск, во саботата предупредил на “регионалните последици” од ударите на САД, Франција и Велика Британија на Сирија, притоа осудувајќи ги одлучно.

“САД и нивните сојузници без никаков доказ и пред заземање на став на Организацијата за забрана на хемиско оружје, ја изведоа таа воена акција против Сирија и се одговорни за регионалните последици”, објавило иранското министерство за надворешни работи.

Хезболах: Американските напори ќе пропаднат

“Таа агресија има за цел да биде компензација за неуспесите на терористите во Источна Гута, која повторно е заземена од сириската војска и нејзините сојузници”, се додава во текстот кој го осудува “очигледното кршење на меѓународните прописи и закони”.

Либански Хезболах и оддал признание на сириската противоздушна одбрана на пресретнувањето на западните ракети, порачувајќи дека американските напори ќе пропаднат и дека САД нема да ги оствари своите цели во тој дел на светот.

ОН предупредува на можна ескалација на судирите

Главниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денес ги повикал сите земји членки да покажат воздржаност и да избегнат било какво делување кое би можело да доведе до ескалација по западните удари на Сирија.

“Ги повикувам сите земји членки да покажат воздржаност во опасните околности и да избегнат секакво делување, кое би можело да доведе до ескалација на состојбата и да го влоши патењето на сирискиот народ”, напишал Гуретеш во соопштението.

Главниот секретар го одложил планираното патување во Саудиска Арабија за да ги надгледува последиците од воената операција на САД, Велика Британија и Франција, чија цел биле хемиските воени капацитети со кои располага сириската власт.

 “Секоја употреба на хемиско оружје е страшна

“Секоја употреба на хемиско оружје е страшна”, изјавил Гутереш. Ја нагласил важноста на делувањето во склад со повелбата на ОН и меѓународното право. Западната воена интервенција на Сирија не ја дозволил Советот за безбедност при ОН.

Гутереш ги повикал членките на Советот за безбедност да се договорат околу отворање на истрага која би го утврдила идентитетот на извршителот на хемискиот напад во Сирија.

“Русија ќе бара итна седница на Советот за безбедност”

Рускиот застапник Владимир Џабаров во Москва рекол дека Русија ќе побара итна седница на Советот за безбедност за воздушните напад на западните сили, пренесува “RIA Novosti”.

“Моментално се анализира ситуацијата. Русија ќе бара седница во Советот за безбедност при ОН, сигурен сум”, рекол Џабаров, кој е заменик претседател на Надворешнополитичкиот одбор.

“Светот е обединет во грозењето”

Британскиот министер за надворешни работи на Твитер порачал:

“Поздравете ја веста за британските воени напади на големи центри за хемиско оружје во Сирија, со помош на нашите американски и француски сојузници. Светот е обединет во грозењето кое го чувствува кон било каква употреба на хемиско оружје, но посебно против цивили”.

 Путин: Ова е агресија!

“Русија најодлучно го осудува нападот на Сирија, каде руски војници и помагаат на легитимната влада во борбата против тероризмот”, изјавил рускиот претседател во соопштението.

Меркел: Сојузничките удари во Сирија беа потребни и примерни

Меркел вели дека ударите кои ги извеле САД, Франција и Велика Британија против владата на претседателот Башар Ал Асад, ја демонстрирале “меѓународната осуда на употребата на хемиско оружје и ја предупредиле сириската влада повеќе да не го користи”.

Сојузниците преземале одговорност во рамките на своите улоги како постојани членки на Советот за безбедност при ОН, додала таа. Меркел во четвртокот објавила дека Германија нема да учествува во такви акции.

Туск и Јункер: ЕУ го поддржува ударот на силите на сирискиот режим

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во саботата соопштиле дека Европската унија ги поддржува сојузничките удари на сирискиот режим и го повикале да престане да користи хемиско оружје.

Туск во пораката на Твитер напишал дека “ударите на САД, Франција и Британија јасно покажуваат дека сирискиот режим заедно со Русија и Иран не може да ја продолжи оваа човечка трагедија, барем не без цена”.

“ЕУ ќе застане покрај своите сојузници на страната на правдата”, порачал Туск.

Јункер ја повикал сириската влада да престане со користење на хемиско оружје.

“Ова не е прв пат сирискиот режим да користи хемиско оружје против цивили, но мора да биде последен”, порачал Јункер во соопштението.