Ако членовите на ДКСК не поднесат итна оставка, ќе биде поведена постапка за нивно разрешување

Ревизијата на работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата укажува на непочитување и злоупотреба на законските одредби, незаконско и несовесно трошење на парите на граѓаните токму од страна на Комисијата што треба да се грижи за спречување злоупотреби на правата и обврските на институциите и сите избрани функционери во државата, порача пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски.

Според неа, членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе немаат професионален и етички кредибилитет да ја вршат оваа функција ниту еден ден повеќе.

„Од тие причини, доколку членовите на антикорупциската комисија веднаш не поднесат итна и неотповиклива оставка, во Собранието на Република Македонија, како орган што е надлежен за изборот на членовите на ова тело, ќе поведеме постапка за нивно разрешување. Нема да има толеранција за коруптивно и расипничко однесување на ниту една институциja и на ниту еден функционер во Република Македонија“, порача Ременски.