Пронајден прстен со ликот на Свети Никола стар 700 години

Еден млад градинар во Израел пронашол добро зачуван бронзен прстен со ликот на Свети Никола, соопшти израелската управа за антиквитети.

Копајќи во градината на една куќа во селото Јогев, во северен Израел, Декел Бен-Шитрит здогледал прстен за кој се мисли дека е стар 700 години. Археолозите проценуваат дека прстенот настанал меѓу 12 и 15 век.

„Кога го земав прстенот, малку го исчистив и забележав човечки лик во рамка“, раскажува овој градинар.

Фотографијата од прстенот ја објавил на социјалните мрежи, а неговиот сосед Дрор Бен Јосеф, еден од директорите на израелската управа за природа и паркови, кој го видел тоа, му советувал да и се обрати на Управата за антиквитети.

Таа управа најави дека пронаоѓачот на прстени ќе го одликува со „сертификат за добар граѓанин“, пренесуваат израелските медиуми.

Прстенот ќе биде дел од колекцијата на национално богатство на Израел.

Археологот Јана Чекановец, инаку специјалистка за византиската ера, истакна дека прстенот изненадувачки бил добро зачуван и дека многу ќе придонесе во науката.

„На прстенот е лик на човек со стап. Врз основа на прелиминарните анализи, се чини дека тоа е Свети Никола која ја држи својата ознака“, вели таа.