„Транспаренси интернешнл Македонија“ обвинува – ДУИ злоупотребила државни пари

Транспаренси Интернешнл Македонија покрена сомневања за злоупотреба на јавни средства за партиски цели од страна на владејачката ДУИ. Тие обезбедиле документи на кои се гледа дека на банкарската сметка на ДУИ биле префрлени средства од Јавните претпријатија „Македонска Пошта“, „Македонски железници – Инфраструктура“, „Аеродроми на Македонија“, кои според Транспаренси Интернешнл е спротивно на Законот за спречување на корупција и Законот за финансирање на партиите. Веднаш со одговор излегоа од Државната комисија за спречување на корупција.

„По разгледување и анализа на добиените информации и податоци, како и разгледување и анализа на прибраната писмена документација, Државната комисија за спречување на корупција констатира дека од фактичката состојба произлегуваат факти и околности кои упатуваат дека сомневањата изнесени во пријавата се основани. Од прибраната документација произлегуваат факти и околности за кршење на одредбите од Законот за финансирање на политички партии  и Законот за спречување на корупцијата и користење на буџетски средства, средства од јавни претпријатија за финансирање на изборна активност, односно друга политичка активност“, велат и ДКСК.

Сепак, директорот на ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“, Ирфан Асани тврди дека не го прекршил законот. Во демантот за медиуми, тој изнесе документ потпишан од него, каде бара 5проценти од неговата плата да бидат префрлени на сметката на партијата, а не од сметката на претпријатието.

Официјалниот документ кој го објавил самиот Асани, покажува дека во 2016 година за ДУИ донирал 46.506 денари.

 Од „МЖ Инфраструктура “, велат дека обвинувањата на Комисијата се неосновани и дека директорот со овие обвинувања се труди да ја прикрие неговата неефикасна работа.

Ниту од ДУИ, ниту од другите претпријатија осомничени за злоупотреба на државни пари, до почетокот на вестите не пратија одговор на обвинувањата.

Фуркан Салиу за Телевизија 21