Осум инвестиции во ТИРЗ за два месеца

За два месеца осум нови компании влегоа во фаза на реализација на своите проекти во Технолошко индустриските равојни зони. Вкупно планираните инвестиции се околу 73.5 милиони евра и планирано е отворање на над 1500 нови работни места во наредните години.

Договори се потпишани со компаниите „Мурат виринг системс“ за инвестиција од 4,5 милиони евра со 300 вработени, „Џемдаш лајтинг Еуропа“ кој ќе инвестира четири милиони евра и ќе вработи 200 лица, „Кеслер“ два милиони евра со 80 лица, „Доган отомотив“ ќе вложи еден милион евра во кпацитет во кој ќе работат 30 лица, „Саген“ со инвестиција од 20 милиони евра и 250 вработувања, „Чагатај кабло“ шест милиони и 300 вработени, „ВИК“ исто така шест милиони евра со 60 вработени и „Костал“ кој ќе ги прошири своите капацитет со инвестиција од 30 милиони евра во која ќе вработи нови 350 лица.

Оваа информација ја соопшти вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешна прес-конференција.

– Треба да знаеме дека сето тоа е направено со 0 денари трошок за промоција и меркетинг. За споредба во претходните 7 години привлечени се 23 инвестиции за кои беа потрошени 225 милиони евра – рече Анѓушев.

Шест од странските компании кои се веќе присутни во земјава, рече Анѓушев, најавија удвојување на своите капацитети по препознавањето на можностите што ги нуди Програмата за економски раст.

– За шест месеци ќе има 30 нови договори со странски инвестироти – додаде Анѓушев.