Борците на ИСИС полека пристигнуваат до Европа: Целта им е да изведат што е можно повеќе терористички напади

Список од 50-тина сомнителни лица, кој содржи и нивни лични податоци, Интерпол го предал на новинарите на “Guardian” на увид кон крајот на ноември.

Во Италија преку медитеранската рута неодамна минале 50 лица за кои се смета дека се борци на ИСИС, пишува Guardian, откривајќи дека целта на осомничените џихадисти е да дојдат во други европски држави.

Станува збор за државјани на Тунис, а дел од нив италијанската полиција ги идентификувала откако нивниот брод пристигнал на Сицилија. Четворица веќе им се познати на италијанските безбедносни служби, а еден од нив наводно е веќе во Франција, поточно во областа Гард.

Службеник на Интерпол за новинарите рекол дека Тунижаните на италијанска територија пристигнале во групи, меѓу јули и октомври минатата година. Според евиденцијата на италијанските власти, во текот на 2017. година во таа држава пристигнале нешто повеќе од 5.000 државјани на Тунис, од кои нешто помалку од половина биле вратени во матичната држава.

Се верува дека тој број не е целосен бидејќи постојат оправдани сомнежи дека во Италија од јули незабележано се вовлекле уште неколку илјади Тунижани, кои таму престојуваат илегално. Полицијата досега фатила само 400 од нив.

“Сосема е јасно дека има такви кои не сакаат да бидат идентификувани, па во Европа доаѓаат илегално, а потоа се кријат од властите. Не сакаат да ги дадат своите податоци, не сакаат да дадат отпечатоци…Јасно е, дека ако терористите сакаат да влезат во Европа, тоа ќе го направат по тој пат, од брегот на Туниз, со брод преку Медитеранот, до Сицилија”, објаснил Салваторе Вела, мозокот на операцијата, чија цел е да го разбие илегалното преминување на луѓе од Африка на Сицилија.

Списокот од 50-тина сомнителни лица, кој содржи и нивни лични податоци, Интерпол го предал на новинарите на “Guardian” на увид кон крајот на ноември, а потоа го проследиле до италијанското Министерство за внатрешни работи.

Guardian нагласува дека ОН претпоставуваат дека повеќе од 5.500 државјани на Тунис, повеќе од било која друга држава – во Ирак и Сирија се бореле на страната на ИСИС, а откако калифатот бил поразен, се појавил страв дека тие борци би можеле да се обидат да влезат во Европа со цел да изведуваат терористички напади.

Токму од Тунис пристигнал 24-годишниот Анис Амри, кој на божиќниот саем во Берлин со камион убил 12 луѓе и тешко повредил уште 56.