Единствена Македонија: Да се повлече барањето за членство во ЕУ

Денеска во Владата иницираме повлекување на барањето за членство на Македонија во ЕУ, што македонската влада го поднесе до Советот на ЕУ во 2004 година, изјави претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев.

– Пред шест дена во Собранието поднесовме Одлука за повлекување на Одлуката за членство во НАТО што ја донесе Собранието на 23 декември 1993. Денеска во Владата иницираме повлекување на Барањето за членство на Македонија во ЕУ што македонската влада го поднесе до Советот на Европската Унија на 22 март 2004 во Даблин, Република Ирска. Ова е во согласност со желбите на македонскиот народ и еден дел од малцинствата во земјата кои не сакаат членство во ЕУ и не ја гледаат својата иднина во ЕУ.

Особено сакам да потенцирам дека се лажни анкетите што наменски се сервираат во јавноста дека народот сака во ЕУ. Напротив, членството на Македонија во ЕУ во изминатите 27 години го посакуваат само политичките елити во државата, кои, во стилот на некогашната Римска империја, откако претходно ќе бидат длабоко корумпирани и купени од европските бирократи, стануваат нивни заложници и под нивна контрола за остварување на нивните погубни политики спрема Македонија и Македонците. Затоа, не случајно во историјата на самостојна Македонија, македонските државни раководители по напуштањето на власта заминуваат со енормно големи богатства со знаење на странските ментори, иако не постои човек во земјата на кого не му е позната висината на платите на државните функционери. Затоа, на Македонија не и треба членство во НАТО и ЕУ, туку членство во Евроазиската економска унија и стратешко партнерство со Русија. Очекуваме владата да биде на висината на задачата, да ги следи намерите на својот народ и да ја прифати оваа наша иницијатива,- истакна Бачев.

Заменик претседателот на Единствена Македонија Стефан Влахов Мицов, рече: -Целта на ЕУ е да ја уништи нашата економија, прво, преку наметнување на неквалитетни производи од западот, второ, преку сопки и квоти за македонските производи, трето, преку странски фирми кои доаѓата и го заробуваат народот во Македонија со плати од 100 евра, и четврто, сето тоа е притисок врз македонскиот народ и младите да емигрираат од државата. Како што НАТО е воен блок на САД, така и ЕУ е продолжена рака на САД, тие се фашистички институции и одат заедно. Кој е за САД, НАТО и ЕУ тој е против македонскиот народ и држава“ – рече заменик претседателот на Единствена Македонија, Стефан Влахов Мицов.