ВИДЕО: Северна Кореја ќе ја нападне Америка за неколку месеци?

Директорот на Централната разузнавачка агенција на САД, Мајк Помпео предупреди дека најновиот извештај на ЦИА укажува на тоа дека неколку месеци го делат светот од катастрофа.

Според директорот на ЦИА, само неколку месеци ја делат Америка од можен судир со нуклеарно оружје со Северна Кореја.

„Програмата на нуклеарно вооружување на Северна Кореја продолжува да се шири, да се унапредува, а оружјето да станува се помоќно и поспособно“, изјави Мајк Помпео за американските медиуми.

На прашањето колку ќе помине додека севернокорејскиот лидер биде во можност да нареди напад со ракета која може да долета до територијата на Соединетите Американски Држави, директорот на ЦИА одговори: „Неколку месеци“.

Северна Кореја кон средината на минатата година објави застрашувачко видео кое што симулираше напад на престолнината на САД, Вашингтон.

Неодамна државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон порача дека доколку Северна Кореја продолжи со провокациите и развојот на својата нуклеарна програма, тогаш ризикува отворен судир со неговата држава.

„Ние сите треба да бидеме многу трезвени и реални во оваа ситуација. Мораме да препознаеме дека заканата е сè поголема и дека доколку Северна Кореја не го одбере патот на соработка, дискусија, преговори, тогаш самата ќе ја започне таа опција“, порача Рекс Тилерсон.

Сепак, и покрај бројните предупредувања на американците, вклучително и претседателот Доналд Трамп кој неколку пати јавно се закани со „тотално уништување“ на Северна Кореја доколку има потреба од тоа, се чини дека од Пјонгјанг не се грижат за тоа и целосно го игнорираат Вашингтон.

Неодамна, од Пјонгјанг порачаа дека не планираат да прават промени што се однесува до политиката на земјата за нуклеарна и ракетна програма. Севернокорејските власти нагласија дека светот не треба да очекува никаква промена во политиката на земјата.

„Обидите на Соединетите Американски Држави против Северна Кореја во политички, економски, воени, дипломатски и во сите други сфери не можат да го сопрат напредокот на нашата земја“, порачаа од официјален Пјонгјанг преку своите државни медиуми.