Ставрос Теодоракис: Не сакам соседната земја да се распадне – сакам да го спречам „муслиманскиот наклон кон мајка Турција“ и „Голема Албанија“

„Зошто не сум на протестот во Солун“ – Бидејќи изгубивме 25 години одржувајќи воена атмосфера со една мала земја што може да ни биде лојален сојузник, вели грчкиот новинар и политичар Ставрос Теодоракис во пост на Фејсбук по повод вчерашниот митинг во Солун против нашето уставно име. Постот го пренесуваме во целост, превземен од МКД.мк:

затоа што ги презирам сите оние што градат кариери со популистичко и националистичко однесување

– бидејќи не гледам голема разлика меѓу „Поранешната Југословенска Република Македонија“ – кое сите го прифативме – и нова или северна или горна Македонија

– бидејќи со „Македонците“ – како и со „Кипар“ – неактивноста и одложувањето се на сметка на интересите на Грција и хеленизмот

– затоа што ништо не ме врзува ни политички или естетски со оние што велат дека сме под окупација и зборуваат за предавници, антихелени, бесења и ковчези

– бидејќи овој вид активности водат кон политичка унаказеност – погледнете ги СИРИЗАНЕЛ и движењето Изреволтирани

– бидејќи секојпат кога некоја земја членка на Обединетите нации ќе ја признае „Република Македонија“ грчката дипломатија губи и слабее

– затоа што не сакам соседната земја да се распадне – сакам да го спречам „муслиманскиот наклон кон мајка Турција“ и „Голема Албанија“

– бидејќи нашиот непријател е иредентизмот и јас не сакам нашите соседи да го менуваат својот устав и училишните книги. Немојте нивните деца да ја замразат Грција

– затоа што се смеам на препораките „не избрзувајте да го решите името“ од земји што уште од 92 година ја признаа „Република Македонија“.

– затоа што Флорина, Пела, Килкис, Серез, Драма сакаат работа и развој, а не мрачни бизниси во нови „изолирани зони“

– бидејќи Солун е главен град на Балканот, а не фобична провинција на Атина

И зошто го кажувам сето ова денес?

Бидејќи не научив да се кријам.

И се надевам дека во следните клучни часови и денови ќе излезат и други прогресивни политичари и без страв ќе кажат што мислат.

Ние мора да научиме да го исполниме нашиот долг. „Не се осмелувајте“ не може да биде амблемот на нашето време.“