Денес се празнува Преподобен Серафим Саровски

Преподобен Серафим Саровски

Преподобниот Серафим Саровски се родил на 19 Јули 1754 год., со крстено име Прохор, во градот Курск. Неговиот татко Исидор бил имотен и градел храм на „Свети Сергиј Радоњешки“, а по неговата смрт, шест години по раѓањето на малиот Прохор, таа работа ја продолжила мајката Агатја. Таа и го одгледала идниот подвижник, давајќи му добар пример на постојана молитва, пост и милосрдие.

Два чудесни настана се случиле во детството на свети Серафим. Еднаш неговата мајка го одвела на врвот на недовршениот храм, од каде што тој паднал, но ни малку не се повредил. Друг пат, додека бил болен, во сон му се јавила Пресвета Богородица и рекла дека Таа лично ќе дојде да го излечи. Неколку денови подоцна, литија со чудотворната икона на Коренската Мајка Божја минувала низ нивниот двор. Мајката го однела болниот Прохор до неа и тој набрзо оздравел.

Кога одлучил да се замонаши, мајка му го благословила и му дарувала бакарен крст што го носел во текот на целиот живот; со него и се упокоил.

Прозорливиот Доситеј, кој се подвизувал во Катаевската пустина, го советувал да оди во Саров, како што тој и направил во 1778 год., за време на игуменот Пахомиј. Искушеник бил околу осум години. За тоа време имал големо искушение – три години страдал од водена болест и поголемиот дел од тоа време бил неподвижен. Тогаш имал и видение на Пресвета Богородица со апостолите Петар и Јован Богослов. Таа рекла: „Овој е од нашиот род“, го допрела со жезолот и од таа вдлабнатина истекла целата вода од телото, а потоа на тоа место му останал белег.

Замонашен е на 13 август 1786 год. со името Серафим, што значи „огнен, пламенен“, а во октомври истата година станал јероѓакон.

За време на Литургија ги гледал ангелите и еднаш Го видел Господа Исуса Христа, облиен во светлина. Од тоа не се возгордеал, туку сè повеќе се смирувал и го зголемувал трудот. За време на големиот глад, манастирските амбари − чудесно, преку ноќ − се наполниле со жито, по молитвите на старецот Серафим и на другите браќа.

Откако во 1793 година го добил чинот јеромонах, ја исполнил својата одамнешна желба да замине во пустина. Пред упокојувањето на отец Пахомиј, му ветил дека ќе се грижи за Дивеевскиот женски манастир.

Своето ќелијно молитвено правило, преподобниот Серафим го извршувал според уставот на древните пустиножители; од Светото Евангелие никогаш не се одвојувал, прочитувајќи го во текот на седмицата целиот Нов Завет. Ги читал, исто така, светоотечките и богослужбените книги. Во Недела одел во манастирот на Божествена Литургија. Во самотија ја обработувал градината и чувал пчели. Го гледале како храни мечка, кој била како припитомена. За да го победи ѓаволот, во текот на илјада денови постојано се молел на камен, стоејќи и коленичејќи, со кратки паузи за храна и одмор.

На 12 септември 1804 год. во шумата го нападнале тројца селани, барајќи пари од него. Тој им дозволил да го претепаат, бидејќи „кој се фаќа за нож, од нож ќе загине“. Едвај преживеал. А потоа, христијански им простил и се заложил да не бидат казнети.

Кога во 1807 год. умрел неговиот духовник, отец Исаија − игуменот на Саровскиот манастир, преподобен Серафим се предал на подвигот на молитвено молчење, наречено безмолвие. По повеќе од две години, му било заповедеано да се врати во манастирот, а потоа почнал да живее како затворник, не излегувајќи од ќелијата. Никој не го видел пет години. Еднаш се удостоил да биде вознесен на Небесата и да ги види рајските живеалишта. Молчел уште пет години и не излегувал од ќелијата, но другите можеле да дојдат да го видат. Дури потоа почнал да им дава духовни совети на луѓето што доаѓале, по наредба на Пресвета Богородица, која му се јавила со преподобните Онуфриј Велики и Петар Атонски. Во 1825 год. повторно почнал да оди во шумата. Во близина, Пресвета Богородица удрила со жезол и направила извор со лековита вода.

На крајот од неговите подвизи било старчештвото. Илјадници луѓе секој ден доаѓале за совет и помош, а тој однапред ги знаел сите нивни маки и страдања. Безброј примери има за неговата прозорливост: знаел кому помошта му е најпотребна, одговарал и пред да му постават прашања, знаел сè за гревовите и минатото на соговорникот; претскажувал настани. Бил во духовна врска со други подвижници кои никогаш не ги видел. На пример: му испратил порака на затворникот Георгиј, да не го остава местото на својот подвиг, а тој две години бил искушуван токму од таа помисла. На многу луѓе им претскажал што ќе им се случи: стапување во монаштво, брак, колку деца ќе имаат, болести, смрт на блиски… Претскажал глад, колера, политички немири во Русија. Се разбира, ја претскажал и својата смрт.

Старец Серафим првин го излечил спахијата Мантуров, кој боледувал од тешка болест на нозете. Еден болен, кој оздравел, го видел старецот како лебди во воздух и се моли за него. Лечел со молитва, со света вода и свет елеј. Му помогнал да прооди и на спахијата Мотовилов, кој бил неподвижен и комушто подоцна му ја открил и „целта на христијанскиот живот“. И по смртта на старецот, луѓето наоѓале лек во изворот кој Богородица го направила и кој денес се вика „Серафимов извор“. Со силата на својата молитва светиот старец овозможувал бездетните да добијат дете, па дури и осудени покојници да бидат помилувани. Спахијата Мотовилов го удостоил заедно со него да се сретне во Светиот Дух. Пред крајот на животот, веќе очигледно општел со ангелите, со Богородица, со небесните жители.

Старец Серафим, саровскиот чудотворец, се упокоил на 02. Јануари 1833 год., коленичејќи на молитва пред иконата на Мајката Божја „Умиление“. На земјата поживеал 73 години. Речиси сите негови предмети им припаднале на дивеевските сестри. Веднаш по неговата смрт многу народ започнал да доаѓа на неговиот гроб, да го умножува неговиот портрет, да зема предмети што му припаѓале. По 70 години од блаженото упокоение на саровскиот старец, светоста на отец Серафим била официјално признаена, и бил вброен во календарот на светителите. Таа иста 1903 год. се откриени и неговите мошти. Било присутно и царското семејство и неброено мноштво поклоници. Телото на отец Серафим се распаднало, останале само коските. Тоа многумина збунувало, но не се нетлените мошти доказ за нечија светост, ниту тоа, дали се случуваат чуда или не, туку неговиот преподобен живот и неизвалканата православна вера. Така определила Божјата промисла. Тогашната власт во 1926 година ги скрила моштите на светителот. Тие се пронајдени во 1990 год., во подрумот на петроградскиот Музеј на религија и атеизам, а во 1991 год. се пренесени во Дивеевскиот манастир.

По молитвите на овој велик светител и чудотворец, Господ да нè помилува и спаси. Амин.

Свети Силвестер, eпископ Римски

Роден е во Рим. Светската мудрост и верата во Христа ги прими во младоста. Секогаш живееше според евангелските заповеди. Многу се исползува со поуките на свештеникот Тимотеј, на чие погубување за верата и самиот присуствуваше, па гледајќи го примерот на својот храбар и пожртвуван учител се задои со тој дух за цел живот. Во триесеттата година од животот стана епископ Римски. Ги поправаше обичаите на христијаните. Така на пример го укина постот секоја сабота, како што дотогаш се држеше кај некои христијани, и одреди да се пости само на Велика Сабота, како и оние саботи што паѓаат во пости. Со своите молитви и чуда помогна да се обратат во вистинската вера и да се крстат царот Константин и неговата мајка Елена. Ѝ содејствуваше на царицата Елена да го пронајде Чесниот Крст. Со Црквата Божја управуваше дваесет години и животот го заврши чесно.

Света Теодота

Мајка на Светите браќа Козма и Дамјан, бесребреници и чудотворци. Живееше богоугодно, па така ги воспита и своите синови.

Преподобен Амон

Голем подвижник на 5 век. Беше настојател на манастирот Тавенисиот во Горен Мисир. Под негово раководство се подвизуваа околу три илјади монаси. Имаше благодатен дар на чудотворство и проѕорливост. Кога еден монах го прашал за совет, преподобниот му одговорил: „Биди сличен на престапник во затвор и како што таквиот постојано прашува кога ќе дојде судијата и ти така прашувај се со страв