Денес се празнуваат Блажениот Теофилакт, архиепископ Охридски и Преподобниот маченик Зотик Сиропитател (хранител на сиромашните)

Блажениот Теофилакт, архиепископ Охридски

Тој е роден на островот Еврип, а воспитан е во Цариград, кај најпрочуените учители на тоа време. Како клирик на Великата Црква и наспроти неговата волја го избраа за епископ и го испратија во Охрид, каде што помина околу дваесет и пет години (отприлика од 1082 г. до 1108 г.). Хоматијан Охридски го нарекува „најмудриот епископ“. Човек со огромно образование, светско и богословско, со префинет византиски вкус, меланхоличен и чувствителен. Меѓу Словените на Балканот Теофилакт се чувствувал како прогонет меѓу варвари. Напишал „Толкувања“ на сите четири Евангелија и на другите книги на Новиот Завет. Тие се најдобро дело од тој вид после оние на Св. Јован Златоуст, па денес се мошне драгоцени и корисни. Од останатите негови дела уште се познати „Писмата “ и „Животот на Св. Климент Охридски“. На старост Теофилакт се повлече од Охрид во Солун, каде, како што се мисли, го завршил животот и преминал во блажената вечност.

Преподобниот маченик Зотик Сиропитател (хранител на сиромашните)

Беше угледен според потеклото и чинот. Се пресели во Цариград, отфрли од себе с ѐ светско и прими свештенички чин. Основа дом за сиромаси и во него самиот лично ги примаше и ги негуваше болните од чума. Му беше личен познаник на царот Константин Велики. Затоа што зеде злато од царот и го потроши за болните од чума, Kонстантиновиот син, царот Констанциј, го фати и го врза за една дива маска, којашто ја гонеа додека светителот не издивна во рани. Пострада во 6 век.