Свети Дионисиј Закински – Се откажал од епископскиот чин, мислејќи дека многубројните пофалби може да го возгордеат

Свети Дионисиј Закински

Во светот Драганиг Сигур, се родил во 1547 година на островот Закинтос во Јонското Море. Неговите предци се преселиле од Нормандија (Франција) во Италија, а потоа на островот Закинтос, каде примиле Православие. Според преданието, кум на крштението на светиот му бил преподобeн Герасим Кефалониски. Многу добро ги владеел старогрчкиот, латинскиот и италијанскиот јазик, го изучувал Светото Писмо и делата на отците на Црквата. На 21-годишна возраст го предал целото свое наследство на помладиот брат и сестра, а самиот отишол во манастир. Во 1568 година примил монашки постриг со името Дaниил во Старофадскиот манастир на островот Строфадес, недалеку од Закинтос. Во 1567 година бил ракоположен во ѓакон, а во 1570 година, на само 23 години, за свештеник. Во 1577 година го замолиле да ја преземе архиепископската катедра на островот Егина. При ракополагањето го добил името Дионисиј, во чест на покровителот на Атина, свештеномаченикот Дионисиј Ареопагит. Живеел строг аскетски живот и бил пример и духовен отец на многу христијани. Но, по две години од архиерејската хиротонија, свети Дионисиј се откажал од епископскиот чин, мислејќи дека многубројните пофалби може да го возгордеат. Повеќе од четириесет години свети Дионисиј ги пасел словесните овци на островот Закинтос. Се упокоил во Господ на 17 декември 1622 година и бил погребан во манастирот на островот Строфадес, во храмот на свети великомаченик Георгиј. Кога по неколку години, според обичајот на манастирот, неговите мошти биле извадени од гробот, тие се покажале нетлени и миомирисни. Во неговото житие се вели дека ја достигнал височината на простувањето и човекољубието. Еден ден, во манастирот каде што престојувал свети Дионисиј дошол некој човек во неговата ќелија со молба да го скрие од неговите гонители. Кога свети Дионисиј го запрашал зошто го гонат, човекот одговорил дека убил монах. Од разговорот што го воделе свети Дионисиј дознал дека убиениот монах е, всушност, неговиот брат. Свети Дионисиј ги примил тие вести со голема жалост, но не го избркал убиецот, туку го скрил и не го предал во рацете на неговите гонители. Убиецот потоа длабоко се покајал и станал монах, а свети Дионисиј го испратил во Пелопонез. Неговиот спомен се празнува двапати годишно, и тоа: денот на неговото успение (30 декември/12 јануари), како и преносот на неговите мошти на 24 август/6 септември.