ЛАЖЕМЕ ЛИ?

Браќа и сестри!

Ако се запрашаме себеси кој грев е денес најраспространет, претставувајќи страшна рана, епидемија, што го зафатила целиот свет, одговорот ќе биде:

лагата и лицемерието!

Како што разлиената вода за време на потоп ја прекрива земјата, проникнува во секоја нејзина пукнатина и ја исполнува секоја длабнатинка и бразда и постепено ја претвора земјата во кал, во блато, мочуриште што го голта човекот, така и лагата и лицемерието го исполниле нашиот живот.

Тоа е грев кој станал нормален во нашата секојдневност: грев во кој сме речиси целосно потопени; грев кој престанавме да го гледаме, смрдеа која веќе престанавме да ја чувствуваме. А многумина дури ја сметаат лагата за духовна мудрост.

Ако внимателно се следиме себеси макар еден ден, ќе видиме колку лага и лицемерие сме пројавиле во тој еден ден.

Значи, браќа и сестри, на лицето вечно како да имаме некој маска.

Зошто така?!

Затоа што сме заборавиле дека човекот е образ и подобие Божјо, ја изгубивме почитта кон човекот, гледаме на нашиот ближен како на прост предмет.

И затоа толкаво отуѓување владее меѓу луѓето, меѓу блиските. Бичот на нашето време, како некоја страшна болест е студенилото меѓу луѓето, кое претставува отуѓување на луѓето еден од друг.

Човек како да се бори против сите, и сите – против него;

и како што во војна на сите им се потребни лукавост и маскирање така и во нашиот живот станале лагата и лицемерието.

Таа лага го суши човековото срце, постепено го претвора во камен, го прави неспособно за духовно. И ние го носиме срцето во градите како труп во гроб.

Тоа срце, кое не може никого да љуби.

Заборавивме да ја зборуваме вистината и, најстрашно, дури и не го забележуваме тоа. И ако некого од нас наречат плашливец, фарисеј, лицемер, се навредуваме и не разбираме во што е работата.

Браќа и сестри, за да стане вистински верен, човекот треба да се научи да ја кажува вистината. Како што човекот после парализа со труд и со болка го прави секое движење, секој чекор, така и ние, како после духовна парализа, неопходно е со болка, страдание, со напор да се учиме да ја кажуваме вистината.

Зборот го разликува човекот од сите останати живи суштества на земјата. Кај светите Отци човекот често се нарекува „словесно суштество“.

Со збор тој општи со Бога, во неговиот збор има големо достоинство и предност пред другите суштества.

Но, излегува дека животното стои повисоко од човекот зашто не лаже, а ние лажеме. Господ ни дал збор – ние сме го искривиле. Господ ни го дал зборот за молитва, за општење еден со друг, зборот, како меч против сатаната, а ние го свртуваме против себе самите…

И нашите гревови, нашата лага, собирајќи се, се претвора во некоја уривачка сатанска сила и енергија, која потоа се пројавува на земјата во вид на страшни катастрофи и искушенија, а ние не знаеме од каде сето тоа.

Затоа, запомнете, браќа и сестри, дека е големо значењето на човечкиот збор!

Преку зборот човекот може да го подигне својот ум над земјата, преку зборот тој може во молитвата да Му се приближи на Бога, но преку збор може да му служи на демонот.

Архимандрит Рафаил Карелин

Извор: Pokajanie.mk