ВИДЕО: Џихадистите урнаа руски хеликоптер

Припадници на терористичката група Исламска држава урнаа руски воен хеликоптер над територијата на Сирија, при што загина двајцата негови пилоти, соопшти синоќа Министерството за одбрана на Русија.

Како што јави ТАСС, во соопштението се посочува дека хеликоптерот од типот Ми-25 бил во мисија да им помогне на сириските владини сили, кои биле нападнати од поголема група џихадисти источно од градот Палмира во централната сириска провинција Хомс.

Благодарение на дејствувањето на рускиот хеликоптер, напредувањето на припадниците на ИД било запрено, но кога леталото се враќало во својата база било погодено со истрели од земја, се додава во соопштението.

Остатоците од хеликоптерот паднале на територија под контрола на сириската армија.

Во соопштението се нагласува и дека двајцата загинати пилоти, Евгениј Долгин и Рифагат Кабибулин се предложени за постхумно наградување со највисоки државни одличја.

Со последните жртви, бројот на загинати руски војници во конфликтот во Сирија се искачи на 12.