Заврши првиот летен камп по веронаука

Триесетина деца учествуваа на првиот летен камп по веронаука, што се одржа во свештените комплекси Бигорски манастир и манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.

– Повеќе од триесет деца имаа можност да се запознаат со основите на православната вера, на православното богослужение, на животот во манастир. Освен часовите по веронаука, децата учествуваа и во практичните манастирски задолженија. Оваа прва група се удостои и да присуствува на торжественото бдение и богослужба во чест на Слегувањето на Светиот Дух – Педесетница (Духовден), изјави отец Кирил.

Децата, како што информира, имале средба и со игуменот на Бигорскиот манастир, анхимандрит  Партениј, на кого му ги искажале своите  впечатоци од нивниот престој во манастирите.

– За Старецот, пак, и за сите нас, најголема награда ни беа насмевнатите детски лица и радоста што зрачеше од нив, изјави сестра Харитина.

Во впечатоците за учеството на кампот децата изразуваат благодарност за престојот во манастирите, грижата и вниманието кон нив и  за наученото од проповедите.

На иницијатива и со благослов на архимандрит Партениј,  ова лето ќе се организираат девет летни кампови.