Стратегијата на Западот против Русија: Започни војна, не ја објавувај и чекај Москва да направи грешка…

Според руски извори, заклучокот на руските генерали и штабот во Кремљ е дека Вашингтон денес ја следи тактиката на Рузвелт, а истата тактика е фаворизирана од Хилари Клинтон, пренесува познатиот американски новинар Џон Хелмер.

Претседателот на САД, Френклин Рузвелт и британскиот премиер Винстон Черчил во август 1941-ва година се состанале за да разговараат за политиката кон Германија и Јапонија. Черчил подоцна открил дека Рузвелт му кажал: „Јас ќе започнам војна, но нема да ја објавам“.

Така и денес имаме индиректна војна против Русија во Украина, има граѓанска војна и во Сирија, се испраќаат вооружени сигнали на Балтикот и Црното море, односно има голема војна против рускиот капитал. За Западот, нема објавување на војна, за Русија, едноставно нема враќање.

На самитот во Санкт Петербург минатата седмица Путин нагласи дека ќе има неизбежни последици доколку продолжи политиката на еднострани акции и самоволни чекори во меѓународната арена.

Говорејќи за последиците, Путин мислеше на необјавената војна на Западот против Русија: „Ако продолжиме да постапуваме по таа логика и ако тензиите ескалираат, еден ден ќе дојде до Студена војна“.

Но, Путин не мисли само на Студената војна: „Не знам до каде може да не доведе распоредувањето на ракетната одбрана на САД во Европа, но сигурно знам дека Русија ќе мора да одговори“, изјави Путин.

За да се разбере оваа изјава на рускиот претседател, можеби најдобро ќе биде да се прочита книгата од 2013-та година со наслов „Предизвиците на големата стратегија – големите сили помеѓу светските војни“, во која девет американски академици и еден јапонски академик ги претставија резултатите од своите истражувања.

Оваа книга дефинитивно не е про-руска и според авторите, Сталин бил параноик полн со заблуди. Авторите наведуваат дека руската и германската политика во меѓувоениот период била идеолошка, а нивното истражување не покажало дека Американците, Англичаните, Германците и Јапонците биле бескомпромисни, приморани да направат нешто против својата волја, помирливи или во заблуда. Книгата докажува дека биле разумни и свесно ги проучувале работите. Секоја сила го работела тоа кое што мислела дека е во нејзин интерес.

Авторите наведуваат дека Рузвелт планирал економски санкции против Јапонија, пред се против трговијата со стратешки минерали, потоа против јапонскиот оф-шор капитал и на крајот против продажбата на нафта со цел да предизвика војна на Пацификот. Забележано е што му кажал Рузвелт на својот секретар во октомври 1941-ва година, седум седмици пред нападот на “Pearl Harbor”.

„Се соочуваме со деликатно прашање на дипломатски пречки да се направи нешто со кое ќе бидеме сигурни дека Јапонија е ставена во заблуда и Јапонците први отворено ќе направат погрешен и лош потег“.

Сега, според Русите, Вашингтон денес ја следи Рузвелтовата тактика, а истата е фаворизирана од Хилари Клинтон. Целта на меѓународниот форум во Санкт Петербург беше да ги предупреди Европејците да не ги преценуваат своите или американските воени способности во борбата против Русија, ниту пак да ги потценуваат руските способности.

Меѓу другото, Путин изјави дека Русија е во предност затоа што ја знае способноста на своите непријатели, додека Европа и САД не ги разбираат руските намери. Путин призна дека Американците имаат сила, посебно во економската војна, но ценатаја плаќа Европа која не може да ги поднесе загубите како што тоа го прави Русија и нема воени способности какви што има Русија.