Вијаграта од Хималаи се продава за по 11.500 долари

Generated by IJG JPEG Library

Еден маж е убиен, а тројца се повредени во зафрлено планинско село на Непал во судирот околу ценетата печурка позната како “вијагра од Хималаи” поради нејзините наводни афродизиски својства, соопштија локалните власти.

Секоја година на Тибет и во Непал илјадници селани ја берат печурката од видот кордицепс (Cordyceps sinensis), локално позната под називот јаршагумба. Во соседната Кина, каде што таа се користи во билната медицина, достигнува висока цена, а достапна е само во одреден период од годината,.

Властите во непалскиот округ Мугу објаснија дека на местото на судирот испратиле полициски сили уште во средата, но дека тие поради непристапноста на теренот пристигнале дури во петокот, кога веќе конфликтот резултирал со жртва и настрадани.

„Едно лице е убиено, а три се ранети кога банда од десетина крадци безобѕирно отвориле оган. Селаните рекоа дека бандата им ја украла нивната берба“, изјавил Кешаб Раџ Шама, началник на округот Мугу.

Ова не е првпат да избувне насилство поради овој вид печурка. Во 2009 година девет лица беа убиени во изолираниот округ Нар во кавга околу правото на берба на габата чија цена достигна и до 11.500 долари за помалку од половина килограм, со што ја става според вредноста меѓу златото и среброто.

Јаршагумба, што на тибетски значи „летна билка, зимски инсект“, расте над 3.500 метри надморска височина.