Денеска се Задушници – Ден кога треба да се потсетиме и помолиме за упокоените

Господи, Кој со длабока мудрост човекољубиво управуваш сѐ, и на сите им даваш сѐ што е полезно, единствен Создателу, душите на Твоите слуги упокој ги, зашто сета надеж ја положија на Тебе – Творецот и Создател и наш Бог.(Тропар за упокоените)

Наоѓајќи се на ден пред големиот празник Педесетница, правиме спомен на починатите во верата отци наши, браќа и сестри. Светата православна Црква, движена од науката на Христовата љубов, постојано нѐ поттикнува да се молиме на Господа за душите на покојниците, знаејќи дека смртта е само една врата, преку која човечката душа преминува од животот овде на земјата, во животот на идниот век.

Богомудрите и божествени отци нѐ поучуваат секојдневно да се молиме за нашите упoкоени ближни, но тие озакониле – неколку денови од годината да бидат целосно посветени за правење помен на починатите. Тоа се т.н. саботи – задушници. Се нарекуваат задушници, затоа што во тие денови верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Една од тие задушници е токму саботата пред Духовден – слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што светите отци љубат за овој празник да кажат: „Роденденот на Црквата“. Целата проткаена со човекољубие и сострадание, Христовата Црква токму во предвечерието на својот роденден, како да сака да ни каже дака во Христа се сите живи, нѐ повикува да направиме помен на сите, од века, благочестиво упокоени луѓе.

Пред погледот на Црквата минуваат милијардите и милијарди упокоени отци, браќа и сестри наши, сите оние на кои не им ги знаеме имињата, кои одамна веќе немаат овде меѓу нас пријатели, за да бидат спомнати во нивните молитви. Не заборавајќи никого во овој заеднички, соборен и молитвен помен, Црквата ги спомнува своите од почетокот починати чеда, и богати и сиромашни, и мирјани и монаси, и цареви и слуги – сите оние кои веќе нѐ напуштиле.