На Јадранот се продаваат станови за само 500 евра за квадрат

Сењ е еден од градовите во кои може да се најдат добри шанси за купување на недвижности. Според еден портал за огласување во тој град во текот на април, околу 30 одсто огласени станови имале цена на квадрат пониска од 1.000 евра. Како што пренесуваат регионалните медиуми, во центарот на Сењ е огласен стан чија цена изнесува дури околу 350 евра по метар квадратен. Се работи за стан со површина од околу 115 квадрати, кој се продавал по цена од 40.000 евра.

Купувањето на недвижнини на Јадранот на многумина им се чини како невозможна мисија. Причината за тоа е што често високите цени се карактеристични за тие подрачја, па многу граѓани можат само да сонуваат за сопствени „квадрати“ на море.

Исклучоци има, па во поеднини градови ширум хрватските брегови може да се најдат станови чии цени се пониски од 500 евра по метар квадратен.

Становите кои се продаваат така поволно имаат некои заеднички обележја: на некои им е потребно реновирање, некои се сместени во поткровјето или се работи за продажба на кат од семејна куќа.

Освен ниските цени и добра локација, заеднички карактеристики на овие станови се старите градби и неопходноста од адаптација, па додатните вложувања се реално сценарио, пренесува хрватски Пословни дневник.

За куќи и станови со голема површина, поради големите суми пари, вообичаено е цената на квадратот да е пониска од  просечната. Во Риека се продаваат неколку станови чија цена изнесува околу 500 евра по метар квадратен. Во тие случаи се работи за продажба на кат на семејна куќа, големи станови со површина од преку 100 квадрати или за станови кои се наоѓаат во поткровјето.

Притиснати од товарот на кредитите многу сопственици се принудени да ги продаваат своите недвижнини под пазарната вредност. Така на пример во Задар се продавал стан со поглед на море, со површина од 81 метар квадратен, по цена од дури 47.000 евра, односно само 580 евра по квадрат, а кредитот во швајцарски франци се наведувал како причина за продажба.