Продолжува проектот за бесплатно летување на деца од социјално загрозени семејства

Во средината на јуни околу две илјади деца од социјално загрозени семејства ќе заминат на бесплатно летување, за што се обезбедени осум милиони денари. Владата го почна овој проект пред четири години.

– Досега околу 12 илјади дечиња од семејства во социјален ризик и приматели на посебна помош ја искористија можноста да отидат на летување или зимување. Во средината на јуни ќе заминат уште околу две илјади деца на летување и за тоа се обезбедени околу осум милиони денари, а во зима ќе заминат уште околу илјада деца на зимување, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, по отворањето на контактната канцеларија на Фондот за иновации и технолошки развој.

Додаде дека се работи за извонредна можност за децата од семејства во социјален ризик и со многу ниски примања, кои се зависни од поддршката за да  заминат на одмор како и нивните врсници.

– Со години немаа можност да заминат некаде на одмор и како нивните врсници да го почувствуваат сето тоа. Да можат, кога ќе се вратат, да споделат со другарчињата како поминале, што виделе, што научиле, како се одмориле итн. Ова го најавивме во 2011 година во нашата програма и во 2012-тата, веднаш по изборите, ги почнавме подготовките и почна овој процес кој веќе станува правило и традиција, барем додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, додаде Груевски.