Инсулинско апче за дијабетес на повидок

Мала израелска фармацевтска компанија „Oramed Pharmaceuticals“ најавила дека нивниот инсулин кој се зема орално покажал исклучително успешни резултати во намалување на гликозата во крвта за време на спиење кај луѓето со Тип 2 дијабетес.

Пилулата е сè уште во експериментална форма, а моменталните податоци се базирани на истражувањата од средната (втора) фаза на нејзиниот развој. Меѓутоа, нејзиниот успех ги натерал експертите да ја преиспитаат ефикасноста на инсулинот кога се внесува орално.

Досега, постоело сомневање дека орално внесениот инсулин тешко го „преживува“ патот низ дигестивниот систем за да би го имал посакуваниот ефект – поради тоа, „Oramed“ кај нивните пилули користеле заштитен слој и висока доза на инсулин за да и по поминувањето низ дигестивниот тракт во организмот биде испорачана клинички корисна дозна на хормонот.

Иако првичните резултати од истражувањата биле успешни, тие сега мора да се реплицираат во што поголем размер пред да бидат поднесени за одобрување до агенциите кои би требало да го одобрат (или не) лекот. Тоа ќе биде трета фаза на студијата.

Доколку ги помине сите фази и биде одобрена, оваа пилула најверојатно ќе биде мултибилион-доларски продукт за компанијата, бидејќи тоа ќе значи дека луѓето со Тип 2 дијабетес повеќе нема да мораат да внесуваат инсулин со инјекции.