Се роди најтешкото женско бебе во светот

Индијка на возраст од 19 години роди бебе со тежина од неверојатни 6,8 килограми – најтешкото женско бебе некогаш родено во светот.

Нандини го донесе на свет своето прво бебе, ќерка, со царски рез во понеделникот вечерта во владината болница во Хасан, во јужната држава Карнатака.

Просечната тежина на новороденче е 3,4 килограми, што е двојно помалку од тежината на ќерката на Нандини.

Бебето, кое се уште нема име, ги шокирало мајката и лекарите со својата големина. Нандини, која е тешка 94 килограми и висока 175 сантиметри, имала лесна бременост, но не очекувала дека ќе роди огромно бебе.

Иако прекумерната тежина на мајката укажувала на покачен шеќер во крвта, лекарите потврдиле дека таа не боледува од дијабетес, кој најчесто предизвикува дебелина кај новороденчињата.

Нандини и нејзиниот сопруг Арун стапиле во брак пред две години и се видно возбудени.

Во ноември минатата година, Индијката Фирдус Катун роди машко бебе со тежина од 6,7 килограми. Тоа беше најтешкото новороденче во земјата се додека Нандини не ја донесе на свет својата ќерка.