Девојче раскажува: 20 дена бев жива закопана во земја поради тоа што бев христијанка

10 месеци во шума минала млада девојка и кога успеала да побегне мислела дека ќе биде подобро. Меѓутоа, сепак не било сè како што се надевала дека ќе биде. 15-годишната Ајша Муса ги бришела солзите додека зборувала за принудниот брак со борец од озлогласената група Боко Харам во Нигерија.

-Човекот кој ме принуди на брак беше голем, и постар од 30 години”, објаснува нигериската девојка, сега сместена во логорот Минавао во близина на Камерун, каде дошла откако успеала да побегне од канџите на исламистичката група Боко Харам.

-Кога се обидов да се спротивставам при неговиот прв обид да ме силува, извади нож и се закани дека ќе ме избоде. Кога продолжив да се борам, извади пиштол. Се плашев и му дозволив да прави што сака. Ме силуваше секоја вечер. Беше многу болно, секогаш плачев.

Групите за заштита на човековите права наведуваат дека Боко Харам киднапирала илјадници жени и девојки, а според проценките таа терористичка група убила повеќе од 14.000 луѓе во Нигерија и соседните држави од 2009. година во својата кампања за создавање на радикална исламистичка држава.

Службениците на ОН наведуваат дека до 7.000 жени и девојки биле киднапирани во североисточна Нигерија. Најпознати меѓу нив се 200-те девојки киднапирани од училиште во градот Чибок пред две години, чие киднапирање предизвика голема меѓународна осуда. Нивната судбина сè уште не е позната.

Девојките и жените кои ги киднапираат припадниците на Боко Харам, ги користат како сексуални робинки или бомбаши самоубијци. УНИЦЕФ наведува дека бројот на девојки кои се користеле како бомбаши самоубијци во Нигерија, Чад и Камерун пораснал од 4 во 2014, на 44 минатата година.

Била жива закопана во земја 20 дена

Ајша, која во февруари 2014. година била киднапирана од селото Гулака во нигериската држава Адамава, на северозападот на земјата, 10 месеци минала во шумата Самбиси, упориште на Боко Харам во соседната држава Борно.

Поради тоа што била христијанка била до половината закопана во земја 20 дена, колку што требало да минат за премине во ислам.

Потоа била принудена да се омажи за еден од борците на Боко Харам. И помладите девојки, дури и оние на возраст од 8 години, доживеале иста судбина. Секој ден девојчињата стравувале од своите “сопрузи” кои се враќале вечерта, вели Ајша.

Покрај стравот од насилните мажи, девојките биле ужаснати и од воздушните удари кои ги вршела нигериската војска во потрага по Боко Харам.

Ајша конечно успеала да дојде до слобода кога нејзиниот киднапер и сопруг го напуштил Боко Харам. Рекол дека “е уморен и дека му е доста” од борбата за групата која не ги храни своите членови како што треба. “Ми кажа: Ќе побегнам и ќе те оставам тука”.

Исплашена дека би можела да остане во шумата, Ајша му кажала дека го сака и дека сака да побегне со него. “Само барав излез”, рекла таа.

Една ноќ побегнале и за само десет дена дошле до Море во Камерун, каде војниците го фатиле сопатникот на Ајша.

Девојката била одведена во Минавао, бегалски логор со десетици илјади луѓе кои побегнале од Боко Харам од Нигерија. Но, нејзиното страшно искуство не завршило.

Наместо да ја третираат како жртва, била означена како “жена на Боко Харам” или “Sambisa Woman”. “Кога одев да соберам дрва или да наполнам вода луѓето ме гледаа чудно и се тргаа од мене како да имам заразна болест”, вели 15-годишното девојче.

Дури и локалните безбедносни сили се сомневаат во девојките како Ајша. “Не можете целосно да им верувате”, вели еден воен службеник.