Светлина во борба против ракот

За прв пат, научници ја користеле техниката наречена оптогенетика за превенција и повлекување на рак, со манипулирање на електричните сигнали во клетките.

За потребите на експериментот, во ембриони од жаба биле инјектирани два типа на гени – онкоген (кој им давал предиспозиција да развијат канцер) и уште еден ген кој продуцира „јонски канали“ осетливи на светлина во туморните клетки.

Јонските канали се еден вид на „ходници“ кои водат надвор и внатре во клетката, кои се отвораат како реакција на одредени сигнали. Кога овие канали се отворени, движењето на јоните во или надвор од клетката креираат електричен сигнал.
Истражувачите ги активирале каналите на туморните клетки со експонирање на ембрионите на светлина. Со активирање на каналите и прилагодување на електричните сигнали во клетките, тие успеале да го спречат, но и да го повлечат формирањето на туморот во 30% од случаите. Ова било постигнато со трепкање на плава светлина директно на туморот, кој по 24 часа почнувал да се повлекува.

Со таргетирање на електричните модели во одредени клетки, возможно е да се контролира колку брзо тие се делат, како и кои информации ги споделуваат со околните клетки.

rak1

Оптогенетиката (метод со кој се контролираат нервните активности на поедини биолошки клетки со помош на вметнување на посебни протеини кои реагираат на светлосни дразби) е важна алатка која ја користат невролози кои го изучуваат мозокот и нервниот систем, а ова е прв пат оваа техника да е имплементирана врз истражување во врска со ракот.

Заклучокот од оваа студија е дека електричната комуникација помеѓу клетките е од исклучително значење за супресија на туморите и дека со разбирање на потребните волтажи кои се пропуштаат низ клетките и на начинот на кој тие го контролираат трансферот на хемиски сигнали помеѓу нив, може да се „разбие“ биоелектричниот код , што ќе даде потенцијал за изнаоѓање на нови начини на третирање на разни типови на болести во иднината.