Среда од Шестата седмица на Великиот Пост – За незлобливоста

Св. Григориј Богослов: Веднаш штом некоја навреда ќе го разгори твоето срце, спомни си за Христа и Неговите рани и размисли дека тоа што го трпиш е толку мало во споредба со страдањата на Владиката: и тогаш како со вода ќе ја изгаснеш својата болка.

Св. Јован Златоуст: Да бидеме снисходливи кон своите непријатели за и Бог да ни снисходи во нашите слабости.

Преп. Теофил Киево-Печерски: Треба да се молиме и за непријателите: повеќето од нив не ни знаат што прават, та тие се дури и наши добротвори: со нападите свои нѐ утврдуваат во добродетелта и овде на земјата го смируваат нашиот дух, а на Небесата ни плетат рајски венци.

Св. Филарет Московски: Каква жална состојба – да вратиш со омраза на омразата и со навреда за навредата. Што, зарем непријателот е посилен од тебе? Зошто ти служи тогаш твојата одмаздољубивост, освен за забрзување на твојата погибел? Па и ако силите ви се подеднакви, што би можел друго да очекуваш освен взаемен пад и беда? Најпосле дури и ако тој не е во состојба да ти се спротивстави, зарем помалку е страшно чекањето во заседа отколку директниот напад? А што со мачните мисли, завери, замисли, потфати кои се свртуваат на сопствена штета, па тешките мисли за твојата невозможна среќа и уште потешките за среќата на противникот, и самите тие, најпосле, се оптоварени со големи грижи на совеста, а понекогаш и со сеопшт презир? Ах, колку маки за срцето што мрази – тоа е адот на земјата, пламенот геенски.

Преп. Антониј Велики: Како што огнот ги зафаќа големите шуми кога ќе го занемариш, така и злобата доколку ѝ допуштиш да влезе во твоето срце ќе ја погуби твојата душа, ќе го оскверни телото, ќе ти донесе многу неправедни помисли, ќе предизвика немир, раздор, озборување, зависти, омраза и слични злобни страсти, отежнувајќи му на телото и причинувајќи му болести.

Извор:Bigorski.mk