Што ќе биде со цената на нафтата?

Цените на нафтата благо закрепнаа по острите загуби по информацијата дека Саудиска Арабија го проширува една нафтено поле, кое ќе го зголеми производството.

Аналитичарите сепак веруваат дека овие добивки ќе бидат со краток век со оглед на долгорочните проблеми со прекумерните залихи на нафта, додека трговците нервозно го чекаат извештајот на американските комерцијални залихи на оваа суровина, кој треба да биде објавен денеска, пренесе агенцијата АФП.

Американската “лесна” нафта за испорака во јуни зајакна за 31 центи (0,73 отсто) на 42,95 долари за барел, а северноморската сирова нафта од типот “брент” за испорака во јуни, се зголеми за 30 центи (0,67 проценти) на 44,78 долари.

Цените на двата вида на нафта падна по веста на агенцијата “Блумберг” дека саудиската државна нафтена компанија „Арамко“ ќе го заврши проширувањето на нафтеното поле Shaybah до крајот на мај, со што производството на најголемиот светски извозник на нафта ќе достигне вкупен капацитет од 12 милиони барели дневно.

Вчерашните загуби го прекинаа седумдневниот раст на цените на „црното злато“ кој беше поттикнат со оптимистичките економски податоци од Кина, најголемиот светски потрошувач на енергија, како и индикациите дека е можно повторно да се актуелизираат разговорите за ограничување на производството на нафта.