Градник што детектира рак на градите

Националниот универзитет на Колумбија, сместен во главниот град Богота,  откри дека работи на дизајн и изработка на специјален  градник што ќе го открива потенцијалното формирање на рак на градите кај жената која го носи.

Специјалниот градник ќе биде способен да го открие ракот уште додека е во рана фаза, а моментално тие вградуваат сензори со инфрацрвена светлина во поставата на самите корпи од градникот. Сензорите треба да ја мерат температурата и да ги мониторираат сите потенцијални грутки, канцерогени клетки или други аномалии кои би значеле потенцијално формирање на ракот.

-Кога имате повеќе жлезди и ткива кои имаат аномалии, телото испраќа повеќе крв кон тој дел од телото (во случајов градите) па затоа и температурата на тој дел од телото се зголемува. Со специјалните сензори во градникот ќе имаме можност да го детектираме зголемувањето на температурата во градите кои би значеле и потенцијално формирање на рак на градите, изјави Марија Кортес лидерот на одделот за електронско инженерство во универзитетот во Богота.

Сепак, таа не сакаше да даде информации за тоа кога овој градник би бил завршен и пуштен во продажба.