За злопамтењето

Св. Јован Лествичник: Злопамтењето е последица на гневот, чувар на гревовите, омраза кон праведност, пропаст за добродетелите, отров за душата, црв на умот, посрамување на молитвата, пресекување на молењето, отуѓување на љубовта, трн забоден во душата, непријатно чувство во кое со горка наслада се ужива, грев кој не престанува, вечно присутен престап на законот Божји, трајна злоба.

Оној кој го совладал гневот, го уништил и злопамтењето: бидејќи додека е жив таткото дотогаш ќе се раѓаат и децата.

Кој стекнал љубов, нему му станало туѓо да се гневи, а оној што во себе негува непријателски чувства, самиот си задава непотребни маки.

На злопамтењето, кое е многу далеку од цврстата и вистинска љубов, лесно му се приближува блудот. И тоа така незабележително, како што понекогаш ќе забележиме вошки скриени во пердувите на гулабот.

Ако веќе сакаш да бидеш злопамтило, биди злопамтив кон демоните.

Злопамтењето се претставува како учител на Светото писмо: зборовите на Светиот Дух ги толкува на свој начин. Нека го посрами молитвата Исусова, која не можеме да ја кажуваме ако сме злопамтиви.

Ќе дознаеш дека потполно си се избавил од оваа гнилеж, не тогаш кога ќе се помолиш за оној кој те навредил, ниту кога за злото ќе му вратиш со добро, или ќе го поканиш кај тебе на трпеза, туку тогаш кога на веста дека тој претрпел некаква душевна или телесна несреќа, ќе се растажиш и ќе заплачеш за него како за себе самиот.

Споменот за Исусовите страдања го лечи злопамтењето, кое се изложува на силен срам пред Неговото трпение.

Непамтењето на злото е знак за вистинско покајание.

Сум видел злопамтила кои другите ги советувале да не го паметат злото и бидејќи се засрамиле од сопствените зборови, успеале да се ослободат од сопствената страст.

Извор: Bigorski.mk