Швајцарците шокирани од младите муслимани кои одбиваат да се ракуваат со учителката

Swiss flag

Во текот на изминатите неколку дена во Швајцарија главна тема е одлуката на средно учлиште во малиот град Тервил во близина на Базел чија што управа дозволила две момчиња – муслимани, да не се ракуваат со учителката.

Момчињата рекле дека нивната вера им забранува допирање на жени кои не им се во крвно сродство и училиштето тоа го прифатило. Одлучено е младите муслимани да не се ракуваат на почетокот и крајот од денот, што е еден вид на непишано правило и дел од швајцарската култура во училиштата.

Локалниот синдикат на учителите вели дека оваа одлука е крајно дискриминирачка кон жените. Овој случај предизвика големо внимание во Швајцарија, затоа што слични случаеви биле забележани и на други места во земјата. Кристијан Амслер, челник на конференцијата на кантонални министри за образование вели дека училиштето сакало да го реши проблемот, но очигледно е направена грешка.

Училиштето не добило јавна поддршка за одлуката децата кои што живеат веќе подолго време во Швајцарија посебно да бидат третирани. Градоначалникот на Тервил, Рето Волф истакна дека граѓаните се незадоволни од одлуката на училиштето.

„Ракувањето е дел од нашата култура и начин на комуникација. Со тоа испраќаме порака дека ја почитуваме другата личност и тоа мора да го научат и децата“, изјави Волф за „БиБиСИ“, додека шефот на парламентарната комисија за образование, Феликс Муери изјави дека со тоа се испраќа погрешна порака: „Денес е ракувањето, а што ќе биде утре?“.

На ова се огласи и Исламскиот централен совет во Швајцарија: „После сексуалните напади во Келн баравте од муслиманите да стојат подалеку од жените, а сега сакате да им се приближуваат“, истакна портпаролот Касим Или.

Министерката за правосудство истакна дека таквите поделби немаат никаква врска со интеграцијата во швајцарското општество.