„Спасението е веќе извршено и е многу блиску до нас“

Кој може да разбере дека несместливиот Бог, Кого ни небесата не можат да Го опфатат, може да се всели во чистата утроба на Дева?! Ете, Он слегува од Небесата и се вселува во Онаа Која претходно во себе духовните височини ги беше сместила, зашто Пресветата, Пречиста и Преблагословена Богородица повеќе од сите на смирение и љубов се научи.

Дарот за човечкиот род – чистата Дева Марија, предизбрана беше за во неа предвечната тајна на Отецот, Синот и Светиот Дух да се изврши. Нејзиното „нека ми биде по волјата Твоја“ Мајка Божја и Посредничка во нашето спасение ја направи.

И не случајно Бигорската Обител, како свештена утроба која во себе го прима сето она мноштво народ, кое откако духовно ќе се роди, верно учествува во животот на Црквата, вечерта беше претесна да ги собере сите кои тука притекнаа за да го дадат својот молитвен придонес, заедно со братството и сестринството од нашите два свештени манастири. Навистина, незапирливата жед за лично учество во празникот, ги претвори нивните души во места каде што се вселува благодатта Божја. Охрабрени од несоборливата сила на Крстот и застапништвото на Онаа Која Распнатиот на него Го роди, нивните срца станаа садови во кои се сместија боговдахновените зборови на нашиот возљубен Старец и Архимандрит Партениј, чијашто ведрина секогаш ги освојува душите на сите. И секој можеше да ја чуе радосната вест за своето спасение, за животот со Бога кој секогаш, не само за нас, туку и за сите што нѐ опкружуваат е едно постојано благовештение:

Слово на Архимандрит Партениј за празникот Благовештение, изговорено пред почетокот на сеноќното бдение во бигорскиот соборен храм (24 март/6 април 2016 г.)

Гледајќи го, мили мои, овој прекрасен и многуброен молитвен собир, се радува срцето мое и умилно Му благодари на Пресветиот наш Бог. Му благодари, бидејќи денес тоа е во една молитвена симфонија со други срца, со вашите срца кои се, несомнено, сведоци на радоста Божја. Зашто денешниот празник токму тоа и значи – радост. Така и се вика: Благовештение – блага, радосна вест. Но, не е ли ова наше собрание еден своевиден голем парадокс? Ете, постојано гледаме и слушаме околу нас, луѓето речиси без и најмала надеж, крајно песимистички се прашуваат: постои ли вистинска, трајна радост во овој свет во кој живееме? Возможна ли е таа радост среде овој хаос од непријателства, војни, напнатост, неизмерни таги и огромни, нерешливи проблеми? Очигледно, и покрај сето тоа луѓето сосема заборавиле на изворот на радоста – на Бога. Меѓутоа, тоа можеби и не е толку важно.

Важно е тоа што Бог не нè заборавил, не нè оставил, тука сака да нè спаси. Во молитвата што ја кажува свештеникот на Литургијата пред осветувањето на светите дарови, се вели: „Ти од небитие во битие си нè привел, и нас, паднатите, пак си нè подигнал, и не си отстапил да правиш сè, додека не си нè вознел на небото и си ни го дарувал Твоето идно царство“. Токму Тоа ни го покажува овој празник. Денес човештвото, после долгото талкање во пустината на богонапуштеноста и копнежот за помирување со својот Творец, повторно се причестува со Самото Божество. Предвечното Слово Божјо денес станува заедничар со човечката природа, за да ја направи човечката природа заедничар со Бога. Милосрдниот и човекољубив Бог се сожали над своето паднато и онесреќено создание, и бидејќи човекот не можеше повеќе самиот да се воздигне до Бога, Самиот Бог слезе при него. За да го направи човекот повторно богат, Самиот Тој осиромаши. Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек (Филип.2:7) Човекот и Бог повторно стануваат едно по благодат. Какво поголемо сведоштво за Неговата несфатлива љубов кон нас би можело да има од Неговото воплотување и вочовечување!? Среде тагата, очајот и хаосот во кој бевме западнале поради падот на нашите прародители, доаѓа Избавителот и ја запалува Неговата светлина! Доброволно влегува во оковите смртта Оној Кој ќе ја победи и од неа ќе нè ослободи.

Но за да се воспостави повторно тоа зедничарење помеѓу Бог и човекот, потребна беше личност којашто требаше да го соедини човештвото со Бога, личност што ќе може да ја оствари тајната на Божјото провидение за примањето на човечката природа од страна на Бога. Па така, кога се исполни времето се роди таа Личност, се роди „благословената меѓу жените“, Богоблагодатната Дева Марија, Која „во својата утроба Божеството Го прими, без да изгори“. Украсена со највозвишените добродетели, со Нејзината чистота, со Нејзината девственост, со Нејзината љубов, смирение, и кроткост, со Нејзината целосна предаденост кон Бога, Таа стана престол, живеалиште и храм на Синот Божји, Кој преку Неа се всели меѓу луѓето и од љубов се нарече и Син Човечки. Пресвета Богородица е всушност онаа Личност, очекувана од сите поколенија, Која на Бог Му ја даде човечката природа. Затоа, во текот на богослужбата, ноќеска многупати ќе ги повторуваме зборовите од Архангелот Гавриил, упатени кон Пречистата Богомајка: Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе! А тоа значи дека преку Неа Бог е и со мене, со тебе, со вас, со сите луѓе што доброволно ќе го посакаат соединувањето со Него. Зашто без слободното прифаќање на Божјата порака пренесена преку Ангелот од страна на Пречистата, немаше да дојде спасението на светот, велат светите отци на нашата Црква. Затоа она бесмртно ‘Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!’ (Лк.1:38) што на денешен ден му го изговорила Пресветата Дева на Архангелот Гавриил, целосно предавајќи Му ја со тоа својата слободна волја на Бога, ќе стане „почеток на нашето спасение и откривање на вечната тајна“.

Она што уште пред вечноста било предвидено во Великиот Совет на Светата Троица, сега преку Богородица го добива своето остварување. Човекољубивиот и милостив Бог, во согласност со првата радосна вест што им ја јавил на првосоздадените после нивното непослушание и отпаѓање од Него, според која Родот на Жената ќе ја згазне главата на змијата, односно ќе ја уништи власта на ѓаволот, го испрати Архангелот Гавриил при Пречистата Дева Марија за да Ѝ ја возвести предвечната тајна на Богзачнувањето и да му ја објави радоста на целото човештво за спасението од гревот и смртта.

Значи, клучна беше Нејзината слободна волја, како и Нејзината силна вера. Иако Таа не знаела за маж, како што читаме во Светот Евангелие кога му проговорува на Архангелот, прашувајќи го: Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?(Лк.1:34), сепак, тука доаѓа до израз Нејзината силна вера, па накрај му одговара:нека ми биде според зборовите твои! Така, знаејќи од овој најубав пример со Пресвета Богородица дека за Бога сè е можно, сите ние треба со вера, во срцата свои да Му ги кажуваме овие зборови на Бога: нека ми биде според зборовите Твои. Зашто Бог го возљуби светот и заради нас стана човек. Он го прегрнува светот, нè прегрнува сите нас и чека само да ги отвориме своите срца доброволно и со вера, за Неговата славна радост да се всели во нас, преку благодатта на Светиот Дух. Тогаш навистина ќе се радуваме неискажливо, тогаш и во светот ќе има поголема радост. Основата на Христовото спасително дело е радоста. Тоа дело така и започна, како што гледаме од денешниот празник, а така и завршува: Христовиот поздрав кон Апостолите и Мироносиците после Воскресението беше: радувајте се! (сп. Мк.28:9) Ништо друго не може вистински да го израдува човекот, освен неговата заедница, неговото другарување со својот Создател, со апсолутната Убавина.

Гледаме како во ова годишно доба целта природа полека се буди и ја покажува својата чудесна убавина. Деновиве, шетајќи со некои браќа во природата околу манастирот, која навистина секогаш плени и воодушевува, си ги споделивме чувствата за нејзината убавина. А можеме ли да замислиме, колку е убав Оној Кој ја создал таа природа, колку тајна, несфатлива, неизречива убавина има во Него! Колку радост! Не случајно големиот созерцател на Бога, Ф. М. Достоевски, рекол дека убавината ќе го спаси светот. Имаме навистина голема причина вечерва да се обратиме со молитва и благодарност кон Родителката на Убавината, кон Посредницата за светот, кон Мајката наша, преку Која Бог слезе при нас, и преку Која Бог постојано пребива со нас. Поради тоа слободно можеме, заедно со пророкот, да воскликнеме: Со нас е Бог, радувајте се народи!

Да се молиме непрестајно на Богородица и Таа ќе го смести Христос во нашите срца. Тогаш тагата од овој свет ќе стане помала. Да побараме оваа вечер од Неа што повеќе луѓе да Го најдат својот Создател, Кој дојде и го посети овој свет, Кој дојде и стана еден од нас заради самите нас. Колку повеќе души ќе Го најдат Него, толку повеќе светот ќе се радува. Зашто спасението е веќе извршено и е многу блиску до нас. Потребно е само да го отвориме срцето и со вера да кажеме: „Нека ми биде според волјата Твоја“. Доколку правиме послушание на Бога, како што направила Пречистата, тогаш Бог сигурно ќе биде во нашите срца.

Добро бдение на сите!

Извор: Bigorski.mk